basheski-jurukovska-750x430

04.10.2024 Скопје

Повеќе од 450 учесници од осум земји од вечерва ќе бидат дел од 12. издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ во Скопје. На добро познатите локации за џифонците – Младинскиот културен центар, Кинотеката на Р.С.Македонија и киното „Милениум“, до 8 октомври ќе уживаат во филмската магија, ќе дискутираат, ќе креираат уметност, ќе учествуваат на креативни работилници. Фестивалот ќе биде отворен вечерва (3 октомври) во 19 часот во киното „Милениум“, со проекција на италијанскиот филм „Последниот пат кога бевме деца“ во режија на комичарот Клаудио Бизио. Влезот е бесплатен, а настанот е отворен за широка публика.

Петнаесет долгометражни филмови во официјална конкуренција и 40-ина краткометражни и анимирани филмови се распределени во три натпреварувачки категории според возраста на учесниците, односно јуниори (6 до 9 одделение), кадети (I и II средно) и сениори (III и IV средно).

Почнавме скромно пред 12 години и брзо сфативме колку на децата и на младите им е важно да имаат ваков фестивал. Младите сакаат да гледаат филмови, да дискутираат, да им биде чуен гласот. Се радуваме што многу деца пораснаа со нашиот фестивал и продолжуваат да работат на полето на филмот – рече Дарко Башески, директор на фестивалот.

Анастасија Јуруковска е дел од организацијата на фестивалот и самата, со големо искуство на „Џифони“ и во Р.С.Македонија и во Италија.

Една од најважните работи и придобивка на овој фестивал е што младите учат да се почитуваат, учат да не се судат меѓу себе. За мене „Џифони“ е огромно искуство и затоа денес волонтирам и сакам да помогнам, да вратам и да им го пренесам моето знаење на новите генерации – вели Јуруковска.

Од филмовите што ќе бидат прикажани во рамките на фестивалот, учесниците ќе можат да се запознаат и да учествуваат на дискусиите со режисерот на филмот „Сонце мамино“, Коста Ѓорѓевиќ, кој и пред неколку години учествуваше на фестивалот со неговиот прв филм. Ќе гостува режисерка од Ирска со свој краток филм, а меѓу џифонци ќе биде и македонскиот режисер Вардан Тозија, чиј филм „М“ ќе биде прикажан во официјалната програма на фестивалот. Фестивалот „Џифони Македонија“ секогаш се труди да прикажува најдобар избор на филмови за младата публика и што е можно повеќе филмови за млади од регионот , па така оваа година покрај повеќето европски филмови имаме играни филмови од Србија, Црна Гора и Косово, а кратките филмови се од целиот свет.

Работилниците се неизбежен дел од програмата и на 12. издание на фестивалот. Годинава ќе се одржат осум креативни работилници што се реализираат со поддршка на Британскиот совет преку проектот Edu Cuts, RYCO (Канцеларијата за регионална младинска соработка) преку проектот Creative YEES и Институтот за комуникациски студии преку проектот „Младите размислуваат“. Менторите на работилниците се етаблирани режисери, уметници, музичари кои во тек на пет дена со младите учесници ќе работат на развивање на нивната креативност и имагинација.

Секој ден во рамките на фестивалот, во термините од 15.45 и 17 часот ќе се одржуваат Edu Cuts разговори во рамки на конференцијата на тема „Зајакнување на креативноста на младите“, на која ќе учествуваат млади успешни луѓе што ќе ги споделат своите искуства и визии. Ќе бидат споделени искуства од петте работилници што се одржаа во рамките на фестивалите партнери на овој проект во Србија, Босна и Херцеговина, Косово во изминатите неколку месеци.

Младинската филмска продукција е главната нишка на оваа конференција, па тука ќе бидат претставени разни младински иницијативи и работилници за снимање филмови од млади таленти како „Докуникулци“ на фестивалот „Македокс“, Teen Doc работилницата на фестивалoт „Интеракција“ од Србија, новата скопска филмска дружина „Аспирин продукција“, младата режисерка Грета Торнтон од Ирска, македонскиот јутјубер, креатор и музичар Иван Ајнштајн и др.

Мрежата Edu Cuts ги поврзува филмските фестивали и организации фокусирани на промоцијата и на имплементацијата на образованието и мобилноста на младите таленти. Мрежата е дел од проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“, проект поддржан од Европската Унија, чија цел е да го зајакне дијалогот на Западен Балкан, поттикнувајќи ги културните и креативните сектори за зголемено социо-економско влијание.

На конференцијата ќе биде претставена и европската програма за филмска едукација CinEd во која членуваат 16 партнери од разни земји.

Фестивалот ќе биде затворен на 8 октомври во киното „Милениум“ кога ќе бидат прогласени победничките филмови во сите натпреварувачки категории, но најважно за учесниците е што ќе се прикажат сите филмови и ќе се изложат сите фотографии, сториборди и цртежи направени од учесниците за време на фестивалот.

Подготвено од М.Д.

About Author