ALBIN KURTI

02.10.2024 Скопје

Пратеникот на Демократската партија на Косово Ардијан Кастрати го критикуваше косовскиот премиер Албин Курти затоа што за време на престојот во Њујорк не одржал ниту една средба со високи американски претставници, наведувајќи дека Курти дури четири години не стапнал во Белата куќа и дека ниту еден друг лидер на Косово немал вакво искуство.

Кастрати нагласи дека секој премиер и министер за надворешни работи на Косово во минатото имал средби со високи американски претставници, додека Курти избрал да се сретне само со други лидери, како што е премиерот на Лихтенштајн.

Посетата на Курти на Америка ја оцени како дебакл во надворешната политика.

„Премиерот Курти не стапнал во Белата куќа четири години. Одење на седници на ОН и немање средба со ниту еден висок американски функционер – тоа му се случи само на Курти. Секој премиер и министер за надворешни работи на Косово во минатото, за време на седниците на ОН, имал средби со високи американски функционери, и не само тоа. Одењето во ОН на средба со премиерот на Лихтенштајн е надворешнополитички дебакл. Ова покажува дека Курти е непожелен од силните сојузници на Косово. За жал, последиците од оваа меѓународна изолација ги трпи Косово, а не Курти“, рече Кастрати.

Тој изрази загриженост дека меѓународната изолација предизвикана од Курти има сериозни последици за Косово, посочувајќи дека граѓаните плаќаат за „политичкиот туризам“ на премиерот во САД, каде што одржува средби со албанските заедници за изборни кампањи велејќи дека оние кои сега го поддржуваат Курти ќе се срамат од неговото име кога ќе ги сфатат последиците од неговата политика.

„Тој се среќава со нашите заедници за предизборната кампања на Самоопределување. Меѓународната изолација што Курти му ја предизвика на Косово, поради непријателството со целиот свет, долго ќе го чини Косово во многу правци. Кога оние кои денес слепо го поддржуваат Курти ќе ги сфатат овие последици, ќе се срамат од неговото име, но тогаш ќе биде доцна за нив, за нас и за цело Косово,” рече Кастрати

Подготвено од М.Д.

About Author