03.10.2024 Скопје
Павле Маџовски, новиот директор на ЕСМ Продажба, стави сефте потпис на договор за снабдување со природен гас за скопските топлани Исток и Запад во текот на грејната сезона до следната година. Гасот за греење на скопјани ќе го носи бугарска компанија со која за прв пат се склучува оваа набавка во Р.С.Македонија. Доби комплет договор за сите месеци од октомври 2024 до јануари 2025.
Минатото раководство на ЕСМ Продажба, фирмата-ќерка на АД ЕСМ,која меѓудругото го купува гасот за парно греење на Скопје, откако ја презеде улогата на БЕГ го купуваше енергенсот преку огласи кои што ги објавуваше од месец за месец, со оправдување дека берзанските цени не се стабилни.
Името на компанијата добитник е Sustainable Energy Supply од Бугарија. Формирана е во 2020, но како што може да се прочита на нејзината интеренет страница, брзо се етаблирала во Бугарија и во регионот со трговијата на природен гас, а планира да гради и гасна централа за производство на електрична енергија во Бургас. Во пребарувачот на Централниот регистар во Р.С.Македонија не може да се провери дали оваа компанија има своја филијала, односно подружница во Р.С.Македонија.
Според договорот постигнат на крајот од септември, Sustainable Energy Supply ќе добива 4,97 евра профитна маржа на секој мегаватчас од референтната цена на холандската берза ден однапред. ЕСМ ќе го плаќа гасот авансно по неколку пати во месецот, а продавачот ќе треба да достави банкарска гаранција од 63 милиони денари како сериозност за испораката.
Минималната количина што треба да ја испорача Sustainable Energy Supply во октомври, ноември и декември е 150.000 мегаватчасови, што значи дека доставувачот најмалку би заработил добивка од 750.000 евра. Ова е најмалата сума што би ја заработил бугарскиот оператор, бидејќи во договорот постои можност за дополнителни дневни најави на испорака.
„За место на испорака и мерење на природениот гас се смета местото на испорака главна мерна станица (ГМС) Жидилово. Трошоците за пренос на испорачаните количини на природен гас и трошоците за балансирање на системот за пренос на природен гас ги покрива Купувачот“, наведено е во договорот постигнат помеѓу двете страни.
Подготвено од М.Д.