volkswagen

30.10.2024 Скопје

Фолксваген, еден од водечките автомобилски производители во Европа, се соочува со сериозни предизвици што може да доведат до затворање на фабрики и губење на работни места.

Според работниот совет, најмалку три фабрики во Германија се под закана од затворање, што ги загрозува работните места на илјадници луѓе. Иако ова предизвика шок кај јавноста, експертите од автомобилскиот сектор не се изненадени, бидејќи Фолксваген веќе извесно време бележи намалена побарувачка и се соочува со високи трошоци, особено поради растечката конкуренција од азискиот пазар.

И покрај високите приходи од околу 332,3 милијарди евра во 2023 година, со раст од 15,5%, оперативната добивка порасна само за 2%, достигнувајќи 22,58 милијарди евра. Сепак, ограничените перспективи за раст, особено на азискиот пазар, претставуваат сериозен предизвик за Фолксваген.

На кинескиот пазар, традиционално водечки за Фолксваген, сè поголем дел преземаат локалните производители на електрични возила како BYD и NIO. Во вториот квартал на 2024 година, продажбата на Фолксваген во Кина падна за речиси 20%, што не може да биде компензирано со европските пазари.

„Фолксваген доцни со прилагодувањето кон електричните возила и дигиталните технологии,“ вели Хелена Висберт, директорка на Центарот за автомобилско истражување во Дуизбург, нагласувајќи дека брзата адаптација на кинеските конкуренти ја влошила позицијата на компанијата.

Фолксваген се соочува и со високи трошоци за работна сила во Германија, што го отежнува натпреварувањето во сегментите со пониски цени

„Трошковната ефикасност е клучна, особено кога конкурентите го зголемуваат својот удел на пазарот,“ објаснува Стефан Брацел, директор на Центарот за автомобилски менаџмент.

И покрај отворањето нови работни позиции во дигитализацијата и електрификацијата, компанијата не спроведе соодветни кратења во други области. Според експертите, заштедите мора да бидат рамномерни, без да се одразат исклучиво на работниците, а со зголемени инвестиции во иновации.

Политичарите во Германија, свесни за потенцијалните последици по вработените, ја поддржуваат борбата за зачувување на работните места. Канцеларот Олаф Шолц преку портпарол објави дека минатите грешки на раководството не треба да влијаат на работниците. На индустрискиот самит, извршниот директор на Фолксваген, Оливер Блуме, побара поддршка за обезбедување на конкурентноста на германските фабрики.

Експертите предупредуваат дека без забрзување на транзицијата кон електромобилност и дигитални иновации, Фолксваген ризикува да загуби на глобалниот пазар.

Министерството за економија веќе презеде некои чекори, вклучувајќи даночни олеснувања за електрични возила и мерки за поттикнување на зелената транзиција.

„Клучните пазари бараат конкурентни електрични возила,“ вели Висберт, нагласувајќи дека Азија и САД веќе се насочени кон електромобилност, а Германската транзиција е од витално значење за успехот на компанијата на светскиот пазар.

Подготвено од М.Д.

About Author