ZNAME FRANCIJA

17.10.2024 Скопје

Франција планира да воведе привремен данок на богатите со кој се очекува да бидат опфатени повеќе од 400 профитабилни компании со годишен приход повисок од 1 милијарда евра. Според пресметките со овој данок во француската државна каса ќе се слеат 8 милијарди евра следната година и 4 милијарди евра во 2026 година.

Пресметките на француската групација за луксузни производи LVMH на милијардерот Бернард Арно се дека ќе треба да плати од 700 до 800 милиони евра дополнителни даноци во Франција следната година.

Главниот финансиски директор на LVMH Жан-Жак Гијон изјави дека по промените учеството на Франција во вкупните даноци што ги плаќа LVMH ќе се зголеми од сегашните 40 на 45%.

Тој  вели дека францускиот пазар претставува само 7% од прометот на групацијата LVMH.

Франција минатата недела го претстави нацрт-буџетот со кој се предлагаат повисоки даноци за бизнисите и богатите поединци или даноци на богатство.

Извршниот директор на европскиот производител на автомобили „Стелантис“ Карлос Таварес неодамна предупреди дека зголемувањето на даноците за корпорациите во Франција може да ги загрози инвестициите во таа земја.

Подготвено од М.Д.

About Author