22.10.2024 Скопје
Американскиот државен секретар Антони Блинкен пристигна во Тел Авив за да одржи состаноци со израелски официјални претставници додека САД се обидуваат да ги унапредат напорите за изнаоѓање дипломатско решение за ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток.
Последната посета на американскиот шеф, негова 11-та во регионот откако палестинските борци на Хамас го нападнаа јужниот дел на Израел на 7 октомври, предизвикувајќи ја војната во Газа, доаѓа откако израелската војска ја интензивираше својата кампања во палестинската енклава, како и во Либан против милитантната организација Хезболах.
Хезболах е и вооружена група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан. ЕУ не го стави на црната листа неговото политичко крило, туку само вооруженото. Политичката партија Хезболах има места во либанскиот парламент.
Планираното еднонеделно патување на Блинкен, кое ќе вклучи застанувања во Јордан и во Доха во среда (23 октомври), исто така доаѓа додека регионот се подготвува за одговорот на Израел на иранскиот балистички ракетен напад врз Израел на 1 октомври. Одмаздата би можела да ги наруши нафтените пазари и да ризикува да предизвика војна меѓу старите непријатели.
„За прашањето за Газа, Блинкен ќе се фокусира на дискусиите за тоа како да се стави крај на војната, плановите за енклавата по завршувањето на борбите и како да се подобри хуманитарната помош“, изјави висок претставник на Стејт департментот, кој сакаше да остане анонимен.
Минатата недела Блинкен и американскиот секретар за одбрана Лојд Остин побараа од израелските власти конкретни мерки за справување со влошената ситуација во Газа или да се соочат со потенцијални намалувања на американската воена помош.
Официјалниот претставник рече дека за време на неговите средби со Израел и претставниците на арапските земји, Блинкен детално ќе го проучи прашањето за „денот потоа“, особено безбедноста, управувањето и реконструкцијата.
Договорот за деталните планови за секој од нив се смета за предуслов за постигнување на какво било трајно решение на конфликтот.
„Државниот секретар, исто така, ќе разговара со Израел и со другите земји како да се обезбеди дипломатско решение за конфликтот со Хезболах и ќе ја продолжи разговорот на Вашингтон со Израелците за нивниот очекуван одговор на иранскиот ракетен напад“, вели претставникот на Стејт Департментот.
Подготвено од М.Д.