18.10.2024 Скопје
Производителот на автомобили „Стелантис“ ќе ги запре машините во италијанските фабрики во Помиљано Д’Арко, Термоли и Пратола Сера.
„Стелантис“ веќе им ја соопштил на синдикатите својата намера да ги запре фабриките. Производството ќе биде прекинато во ноември на неколку дена. Овие мерки се неопходни за да се прилагоди производството на сегашните пазарни услови и да се обезбеди ефикасно управување со ресурсите“, пишува автомобилскиот гигант.
Групацијата објави дека продала само 1,15 милиони автомобили во периодот од јули до септември, што е за една петтина помалку од истиот период минатата година.
Продажбата на нивниот најпрофитабилен и најважен пазар, Северна Америка, особено падна. Таму во набљудуваниот период продале 299.000 возила, што претставува пад од 36 отсто во однос на минатата година. Во Европа, продажбата на годишно ниво падна за 17 отсто, на 496.000 автомобили.
Извршниот директор на „Стелантис“, Карлос Таварес, сега планира интензивни мерки за намалување на залихите кај неговите дилери во САД, со цел до крајот на годината да нема повеќе од 330.000 возила на „Стелантис“ на продажба. Таварес веќе во вторникот ја спомена можноста за затворање на некои фабрики поради конкуренцијата од Кина.
Поради околностите, „Стелантис“ веќе спроведе кадровски промени: главниот финансиски директор Натали Најт беше сменет од Даг Остерман. Таварес има мандат до почетокот на 2026 година, но веќе се бара негов наследник.
„Стелантис“ ги поседува брендовите „Фиат“, „Воксхол“ (Vauxhall), „Масерати“, „Крајслер“, „Опел“, „Ситроен“, „Пежо“ и други.
Компанијата во првата половина од годината остварила 85 милијарди евра приход од продажба, што претставува намалување од 14 отсто во однос на истиот период лани. Нето добивката изнесува 5,6 милијарди евра, што е пад од 48 отсто во однос на првата половина од 2023 година.
Подготвено од М.Д.