02.10.2024 Скопје
Терминалот за течен природен гас (ЛНГ) во грчкиот град Александруполи започнува со комерцијална работа, преку кој низа земји од југоисточна и централна Европа, меѓу кои и Република Северна Македонија ќе се снабдуваат со природен гас.
Од „Гастрејд“, компанијата-оператор велат дека станува збор за еден од најважните енергетски проекти на европско, регионално, национално и локално ниво и ќе придонесе за енергетската безбедност и развој, за диверзификација на изворите и рутите за снабдување со енергија на Југоисточна и Централна Европа, „надградувајќи ја улогата и важноста на Грција на модерната енергетска карта на Европа, што ја прави енергетска порта за повеќе од девет земји“.
Терминалот за ЛНГ Александруполи, освен од пловната единица за складирање и регасификација (FSRU), се состои и од подморски и копнен гасовод за пренос на природен гас, кој го поврзува FSRU со грчкиот преносен систем и преку него ќе испорачува природен гас надвор од Грција и до Бугарија, Романија, Република Северна Македонија, Србија, на исток до Молдавија и Украина, како и до Унгарија и Словачка на запад. Пловната единица, „АЛЕКСАНДРОУПОЛИС“ именувана во чест на градот и неговите жители, кои го прифатија овој амбициозен проект од самиот почеток, располага со најсовремена технологија, со максимален капацитет за регасификација од 5,5 милијарди кубни метри годишно, соопштија од „Гастрејд“.
На крајот на март 2021 година, Р.С.Македонија официјално стана дел од проектот за изградба на терминалот за течен природен гас, откако беа потпишани Меморандуми за соработка на АД ЕСМ и АД Национални енергетски ресурси со компании од Грција,
Од тогашната македонска Влада соопштија дека „согласно договорот нашата земја учествува со 25 отсто во гасната централа на природен гас во Александруполи која е 800 мегавати, а проценетата инвестиција во оваа електрана е повеќе од 380 милиони евра“ и дека е предвидено учество и „со 10 проценти од вкупната вредност од 370 милиони евра во инвестицијата во гасниот терминал“.
Подготвено од М.Д.