26.09.2024 Скопје
Нова студија покажа каде луѓето живеат најдолго и со најдобро здравје.
Бројот на години во кои се очекува човек роден во Европската унија да живее здраво, без никакви проблеми, се проценува на 62,8 години за жените и 62,4 години за мажите. Сепак, најдобри резултати се забележани во Малта, објави Евростат денеска за 2022 година.
Жените во Малта можат да очекуваат да поминат 70,3 години без никакво ограничување на активноста поради здравјето, а мажите 70,1 година, што и во двата случаи е највисоката бројка забележана во Европската унија.
Граѓанките на Бугарија (68,9 години) и Словенија (68,5 години), исто така, може да очекуваат дека ќе проживеат квалитетен и здрав живот.
Данките можат да очекуваат само 54,6 години добро здравје, Летонките 55,4 години, а Холанѓанките 56,3 години.
Шведските мажи може да очекуваат да поминат 67,5 години во добро здравје, а Италијанците 67,1 година, а најнеповолни резултати за мажите се забележани во Летонија (53 години), Словачка (56,6 години) и Данска (57,1 години).
Подготвено од М.Д.