10.09.2024 Скопје
Земале субвенции, а не ја работеле земјата, но не си ги исполнувале останатите обврски за инвестирање на парите, што е класична злоупотреба на државните пари и парите наменети за вистинските земјоделци.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски најави дека од денеска започнува со објавување на сите сомнителни случаи и афери од претходното раководство на министерството.
Тој истакна дека се виде како работел неговиот претходник Николовски, денеска ќе има можност и да слушне што се случувало во министерството.
На денешната прес-конференција тој обзнани како одредени правни лица надвор од сите прописи земале државни пари.
„Правното лице „Ар експорт ДООЕЛ Увоз Извоз“ од Струмица кому преку Министерството за земјоделство му било дозволено да земе противправно околу 30 милиони денари за субвенции. Министерството од 2019 до 2022 година со фирмата од Струмица има склучено вкупно 19 договори за вкупна површина од 1416 хектари. По извршениот увид од страна на Државниот инспекторат за земјоделство е констатирано дека за 11 договори со површина од 941 хектари не се почитувале одредбите од страна на закупецот и требало да бидат раскинати. Врз основа на овие договори закупецот од Агенцијата за финансиска поддршка остварил приход по основ на субвенции од 485.000 евра“, посочи Трипуновски.
Дополнително како што појасни, закупецот требало преку бизнис план кој го понудил до министерството да инвестира над 2 милиони и 450 инвестиција на предметното земјиште, а во моментот на контрола имало инвестиција од околу 300.000 евра а инспекторите констатирале дека закупецот немал платено и закупнина за неколку години, со што дополнително го оштетил буџетот во износ од 60.000 евра.
Како втор случај го посочи правното лице „ДЗС Илинден“ со кого, како што информираше, министерството склучило закуп на времетраење од 30 години на површина од 1604 хектари, но подоцна со анекс, површината се намалува на 945 хектари државно земјиште.
Во 2019 година бил поведен судски спор за неплатен закуп за три години, по што подоцна било донесено решение за еднострано поништување на договорот за закуп. Но и по раскинување на договорот според Трипуновски, министерството не ја ипочитувало одлуката и не доставило примерок од изјавата до Агенцијата за катастар а на закупецот и по раскинување на договорот му биле исплаќани субвенции во износ од над 19 милиони денари.
„Ова ја отвора дилемата дали овие пропусти од страна на институциите се шема за испумпување на пари од државниот буџет. Ова се само два случаи поткрепени со цврсти докази кои потврдуваат дека системот и институциите се целосно разурнати но покажува и недомаќинско и криминално работење од страна на претходното раководство на СДСМ и Николовски. Институциите мора да работат во служба на граѓаните и затоа го повикувам Јавното обвинителство веднаш да постапи и да истражи, која била целта и зошто се дозволило овие два правни субјекти да добијат огромна сума на пари иако министерството и другите надлежни институции требало навремено да реагираат. Никој не смее и не може да биде над законот“, прецизира министерот за земјоделство.
Подготвено од М.Д.