PRETSTAVA STRUMICA

13.09.2024 Скопје

Со доделување на наградата за високо актерско достигнување вечерва во Струмица ќе заврши 32. издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“.

Фестивалското жири, кое го предводи ланскиот лауерат, актерот Јордан Симонов, режисерот Александар Ивановски и драматургот Билјана Крајчевска, вечерва пред полноќ треба да одлучи кому ќе му припадне златниот медалјон со ликот на Шишков и паричната награда во износ од 1.500 евра.

Во конкуренција за единствената фестивалска награда се 45 актери од осум претстави од земјава и Бугарија.

Завесата на годинашното фестивалско издание ќе ја спуштат актерите од Драмскиот театар од Скопје со претставата „Падот на Масада“ од Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски.

Фестивалот се одржува во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица со финансиска поддршка од Министерството за култура, Општина Струмица и Фондацијата „Заев-едно општество за сите“.

Подготвено од М.Д.

About Author