02.09.2024 Скопје
Само за последните десет години, бројот на ученици во основните и во средните училишта е намален за 27 илјади. Намалувањето на бројот на ученици е особено изразен во средното образование, каде само за десет години, бројот на ученици е намален дури за 20 %. Односно за 17 илјади ученици. Во основното образование, намалувањето изнесува 5 %, односно 10 илјади ученици, известуваат од Центарот за граѓански комуникации.
Од општините има намалување на бројот на ученици, додека зголемување има во десет скопски општини и во 9 други општини, надвор од Скопскиот Регион.
Најголемо намалување на бројот на ученици во вкупна бројка има во општина Гази Баба, каде во последната учебна година имало дури 2.389 помалку ученици отколку пред десет години. Следна општина е Тетово каде имало речиси 1.500 ученици помалку, само за период од десет години. Со намалување од по илјада ученици следуваат: Центар, Струга, Куманово и Гостивар.
Во релативни бројки, најголемо намалување на бројот на ученици во осмолетка има во општина Ново Село, каде само за десет години, бројот на ученици во односното образование е преполовен, односно е намален за 57 %.
Намалување на бројот на ученици за третина има во општините Маврово и Ростуше, Вевчани, Кратово и Пехчево. Намалување за една четвртина на бројот на основци има во Врапчиште, Конче, Зрновци, Гази Баба и Берово.
Од големите градови, бројот на ученици во основно расте во Скопје и во Струмица.
Спротивно, зголемување на бројот на ученици имало во десет општини од Скопскиот Регион, а со тоа и во Градот Скопје во целина. Најголемо зголемување и во вкупна бројка и процентуално има во Бутел и Карпош. Во Карпош, во последната учебна година имало речиси 2,5 илјади повеќе основци отколку пред десет години, што е зголемување на бројот на ученици за 56 %. Во Бутел, зголемувањето е за околу 2 илјади ученици, односно за 59 %. Слично е и во Ѓорче Петров каде зголемувањето е за 43 %, односно за нешто повеќе од илјада ученици.
Надвор од Скопје, зголемување имало во девет општини, но во сите заедно имало само илјада ученици повеќе сега отколку пред десет години. Тоа се претежно мали општини како Чашка, Теарце, Ресен и Крушево. Единствено од поголемите градови, само во Струмица има зголемување на бројот на основци за околу 400, односно за 9 %.
Кога станува збор за средното образование, состојбата е многу полоша, истакнуваат од центарот Таму, намалување на бројот на ученици имало во дури 73 општини, односно во 90 % од општините, вклучувајќи го и Град Скопје како целина.
„Во апсолутни бројки, најголемо намалување на бројот на средношколци има во Скопје и во речиси сите големи градови, почнувајќи од Тетово, Струга и Кичево, сè до Струмица, Гостивар, Куманово и Штип.
Процентуално, пак, најголем губитник е Пехчево. Таму, бројот на ученици во средно е намален за 83 % само во последните десет години. Преполовување на бројот на средношколци има во Крушево, Македонски Брод и Врапчиште.
Во главниот град Скопје има намалување од 2.727 средношколци, односно за 10 % во последната учебна година.
Спротивно, зголемување има само во седум општини од кои пет се од Скопскиот Регион и само три други општини, Брвеница, Боговиње и Богданци. Четири од општините со зголемување се оние во коишто во последните десет години се отворило средно училиште, а претходно немало со што може да се оправда зголемениот број на ученици. Ако се изземат овие општини, бројот на ученици во средно е зголемен само во 3 општини во земјава и тоа: Аеродром, Центар и Богданци.
Како и да е, во сите седум општини каде што има зголемување на бројот на средношколци, вкупната бројка на зголемување изнесува 1.136, наспроти 18.000 за колку што е намален бројот на ученици во останатите 73 општини“, стои во анализата.
Подготвено од М.Д.