04.09.2024 Скопје
Вработените во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) бараат повисоки плати. Од раководството даваат поддршка.
„Раководството на Македонската академија на науките и уметностите, како и досега така и сега, има разбирање и дава безрезервна поддршка и се грижи за решавање на горливиот долгогодишен проблем со ниските лични доходи на сите вработени во aкадемијата“, се вели во соопштението на МАНУ.
Вработените во секретаријатот и во стручните единици на МАНУ денеска стапија во штрајк.
„Во континуитет, органите на управата, повеќе години наназад, барале од државата системско решение за овој горлив проблем, па така и новото раководство, во текот на последните шест месеци, во два наврата, има поднесено иницијативи до Собранието за донесување законско системско решение за усогласување на платите со оние во УКИМ и во другите државни универзитети и научни институции, со цел конечно да се прекине дискриминацијата на вработените во МАНУ во однос на нивните ниски лични доходи. Во меѓувреме, претседателството на МАНУ, исто така, донесе одлука за изработка на колективен договор, со коишто МАНУ, функционирајќи како буџетски корисник од прва линија, во своето 60-годишно постоење не располагала. Затоа се апелира до членовите на синдикатот да бидат трпеливи и да причекаат почнатите иницијативи (чие натамошно постапување не е во надлежност на МАНУ, туку на законодавниот дом) да вродат со плод, односно да се изнајде начин за нивелирање на платите во соработка со Владата и со Собранието на државата. Синдикатот, исто така, се замолува штрајкот да се одвива во согласност со постојната законска регулатива“, соопшти МАНУ.
Ќе штрајкуваат во текот на целото работно време, додека не биде испочитувана потпишаната спогодба со која им било ветено дека до 31 декември минатата година ќе се потпише Колективен договор и измени во Законот за МАНУ со што според нив ќе се реши овој долгогодишниот проблем со платите. Велат дека платите долго време не се зголемени. Додаваат дека поради ниските плати никој не се јавува на огласите за вработувања.
И за вработените во образованието оваа година нема да има покачување и ќе мора да почекаат.
Подготвено од М.Д.