30.09.2024 Скопје
Австрија се сврте надесно на вчерашните избори, на кои победи екстремно десничарската Партија на слободата (ФПО), што е за првпат по Втората светска војна партија вкоренета во нацистичката идеологија да освои најмногу гласови на националните избори.
Европските радикални десничарски партии вчера ја прославија победата на ФПО како поттик за националните конзервативци во услови на напредок кој го постигнува крајната десница, а поттикнато од стравот од имигрантите.
На чело со Херберт Кикл, кој доби поддршка поради лошата економија и загриженоста дека Австрија ги прима имигрантите побрзо отколку што може да ги интегрира, ФПО освои околу 29 отсто од гласовите – рекорден резултат што може да ѝ овозможи на партијата платформа за водење на следната влада.
Ова ја отвори вратата за нова ера, изјави шефот на партијата Херберт Кикл по објавувањето на првите резултати.
Дури 6,3 милиони гласачи (78%) излегоа на гласање, а во кампањата доминираа прашања за миграцијата и азилот, како и неуспешната економија и војната во Украина.
ФПО треба да има околу 56 места од 183 места во парламентот, додека конзервативците би добиле 52, а социјалдемократите 41 место.
Генералниот секретар на ФПО, Михаел Шнедлиц, рече дека „мажите и жените во Австрија испишаа историја“, иако тој одби да каже за каква коалиција ќе се обиде да преговара неговата партија.
Анализата на гласачите покажала дека оние на возраст од 35 до 59 години најверојатно ќе гласаат за екстремната десница, малку повеќе жени отколку мажи.
Кикл мора да најде партнер за да формира стабилна коалиција бидејќи другите партиски лидери не го поднесуваат. Тие одбија да му служат и многу брзо почнаа да разгледуваат можност за алтернатива на владата на која на чело би бил ФПО.
Но, на австриските екстремни десничари им честитаа бројни европски сојузници. ФПО е дел од екстремно десничарската група во Европскиот парламент предводена од Националниот собир на Франција (РН).
Лидерка на РН е Марин Ле Пен, која изрази задоволство од победата, велејќи дека тоа е показател дека таквите партии напредуваат.
„По изборите во Италија, Холандија и Франција, овој бран, кој ја поддржува одбраната на националните интереси, зачувувањето на идентитетот и воскреснувањето на суверенитетот, го потврдува триумфот на народот насекаде“, напиша Ле Пен во објава на Икс.
Меѓу оние кои честитаа е и Бјерн Хоке, еден од лидерите на екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД), кој победата на ФПО ја нарече „сензација“ и напиша на Икс: „Победата на ФПО не е само победа на Австрија – таа стига подалеку од границите на алпската република и е добар знак за напредок за цела Европа“.
Холандскиот националист Герт Вилдерс, чија партија ПВВ ја предводи холандската влада, рече на Икс: „Ние победуваме! Времињата се менуваат! Идентитет, суверенитет и слобода. И нема повеќе илегална имиграција или азил, по што копнеат десетици милиони Европејци!“
На Фејсбук се огласи и унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, кој напиша: „Каков викенд!! По Чешка, уште една победа за патриотите преку граница… Без војна, без миграција и без родова пропаганда!“
ФПО, која беше основана во 1950-тите од поранешни членови на СС и други нацистички ветерани, се кандидираше на овие избори на платформа против странците, ветувајќи дека ќе изгради „тврдина Австрија“ за да ги спречи мигрантите.
Кикл им вети на гласачите дека ако му ја дадат победата, тој ќе служи како нивен Фолксканцла, или „народен канцелар“, прекар што го користел Адолф Хитлер.
Иако партијата го минимизира значењето на своето нацистичко минато и се обидува да се претстави како алтернатива против естаблишментот главно на десницата и левиот центар, таа редовно користи антисемитски фашистички симболи. Потсетник за длабочината на афинитетот на партијата кон естетиката на Третиот Рајх се случи во петокот на погребот на долгогодишен политичар на ФПО, каде ожалостените го испратија својот колега пеејќи ја химната на СС. Во публиката беа бројни лидери на ФПО, минати и сегашни.
Ваквите ексцеси ќе му го отежнат формирањето на коалиција на ФПО, но тоа сепак не е невозможно.
Победата на евроскептичната ФПО може да посее поделби во Европската унија во областа на надворешната политика поврзана со поддршката за Украина против инвазијата на Москва на таа земја.
Подготвено од М.Д.