23.09.2024 Скопје
Обилните снежни врнежи ги затворија патиштата во Јужна Африка.
Патниците се заглавени во своите автомобили по невообичаено обилните снежни врнежи во тој дел од континентот.
Во некои делови на Африка снегот падна и до два метри.
Посебно е погоден автопатот N3 што ги поврзува Јоханесбург и Дурбан, а службите за итни случаи се обидуваат да стигнат до луѓето кои останале заробени во нивните возила во деловите каде што патот е затворен. Некои ја поминаа ноќта во своите автомобили.
Клучниот автопат на истокот од државата е еден од најтешко погодените, а неколку делници се затворени, додека обиколниците се исто така непроодни – рекоа властите.
Се уште нема детални информации за состојбата на дел од учесниците во сообраќајот кои беа зафатени од обилен снег – изјави управителката на Управата за наплата на патарините, Тања Дугра.
Итните служби работеа без прекин во текот на ноќта. Се обидуваа да стигнат до што повеќе учесници во сообраќајот – вели Дугра.
Ќебиња и оброци се доставени до некои заглавени возачи – соопшти Владата на провинцијата КваЗулу-Натал.
Камионите се паркирани на страната на патот од петокот – изјави претставник на Корпорацијата за управување со патниот сообраќај Сајмон Свејн.
Автобусите што патуваат меѓу провинциите се заглавени на бензинските пумпи околу седум часа.
Мухамед Гулам изјави дека ноќта ја поминал во автомобил со своите деца надвор од градот Харисмит, околу 270 километри југоисточно од Јоханесбург.
Бевме блокирани повеќе од 13 часа, бевме без храна. Не би можеле да се спасиме без помошта на итните служби – рече Гулам.
Во некои области снежната покривка е дебела и до два метра – соопшти претпријатието за безбедност на патиштата „Arrive Alive“.
Се очекува поголем снег, а на сила се портокалови предупредувања во повеќе делови од земјава. Ова е екстремен случај – изјави синоптичарот на јужноафриканската метеоролошка служба Лутандо Масимини.
Далеку од подрачјата погодени од снег, оваа ретка појава привлече голем број луѓе да патуваат за да го видат снегот.
Џастин Надасем Бејкер возел три часа од Јоханесбург со семејството до Варден.
Возењето траеше три часа.Возбудени сме. Поминаа многу, многу години откако последен пат видовме снег – рече Бејкер.
Подготвено од М.Д.