10.09.2024 Скопје
Министерството за правда на САД и коалиција на сојузни држави го тужат пребарувачот Гугл изјавувајќи дека компанијата станала монополист и држи монопол врз технологијата која ги поврзува интернет-издавачите со оние кои се рекламираат.
Судскиот процес започнува денеска во Александрија, Вирџинија. Како сведоци се очекува да се појават раководители на големи издавачки куќи и новински портали, за кои се тврди дека претрпеле штети од практиките на Гугл. Владата тврди дека Гугл наплаќа прекумерни такси, нанесувајќи штета на издавачите и принудувајќи ги да го зголемат бројот на реклами или да го намалат обемот на бесплатна содржина.
Според документите поднесени до судот, доминирачката положба на Гуггл овозможува компанијата да заработува до 36 центи од секој долар кога таа делува како посредник помеѓу издавачите и оние кои се рекламираат.
Гугл тврди дека аргументите на владата се засновани на застарен изглед на интернетот, кога доминираа десктоп-компјутерите, а корисниците рачно внесуваа адреси на веб-страници. Според компанијата, оние кои се рекламираат сега претпочитаат социјални мрежи за да допрат до својата публика.
Според годишните извештаи на компанијата, нејзините приходи од платформата Google Networks, што ги вклучува сервисите AdSense и Google Ad Manager, се намалиле од 31,7 милијарди долари во 2021 година на 31,3 милијарди долари во 2023 година.
Гугл ги оспорува овие тврдења, наведувајќи дека таксите се конкурентни и дека нејзините рекламни технологии носат корист и како за рекламодателите тала и за издавачите. Таа истакнува дека издавачите можат да користат услуги на други добавувачи на реклами. Компанијата смета дека владата е фокусирана на рекламните банери што се појавуваат при вчитување на страници на десктоп-компјутери, без да ја земе предвид миграцијата на корисниците кон мобилните апликации бумот на рекламирање на социјалните мрежи кои се случуваат во изминатите години.
Процесот се очекува да трае неколку недели и да се фокусира на тоа дали практиките на Гугл го кршат антимонополското законодавство. Доколку го изгуби случајот, компанијата може да биде принудена да продаде дел од својот рекламен бизнис.
Ова е уште една антимонополска тужба поврзана со неговата технологија откако пред еден месец суд во САД одлучи дека Гугл е незаконски монопол.
Компанијата тогаш загуби судење поврзано со нејзиниот пребарувач, што ѝ носи голем дел од годишниот приход од 307 милијарди долари. Судија во округот Колумбија тогаш ја прогласи пребарувачката машина за монопол, делумно поддржуван со десетици милијарди долари исплати годишно на компаниита како Епл за Гугл да биде поставен како стандардна пребарувачка машина при купување мобилни телефони и други уреди.
Меѓутоа, судијата сè уште нема донесено мерки за корекција на ситуацијата, а владата исто така нема предложено санкции.
Подготвено од М.Д.