24.09.2024 Скопје
Стремежот за општ мир е целта, а тоа подразбира општо разоружување и особено елиминација на нуклеарното оружје, изјави Пјетро Паролин, државен секретар на Ватикан, во пресрет на 79-то заседание на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Паролин додаде дека целиот свет е зафатен од опасна криза и дека е време да се одбрани човечкото достоинство.
„Мора да гарантираме сигурна иднина во која сите луѓе ќе можат да уживаат во развојот, како поединци и како заедници.
Само во овој момент не смееме да ги затвораме очите пред трагедиите со кои се соочува човештвото“, нагласи Паролин.
Според него, за мирна и просперитетна иднина потребна е политичка волја да се искористат сите средства кои би довеле до одржлив развој.
Во говорот во седиштето на ОН, државниот секретар на Ватикан се осврна и на проблемот со сиромаштијата во светот за што порача дека меѓународната заедница треба дополнително да ги зајакне сите свои активности за нејзино искоренување.
Подготвено од М.Д.