12.09.2024 Скопје
Јавноста во исчекување дали Уставниот суд ќе го укине спорниот член од Законот за облигациони односи
Две лица од Скопје насилно внеле во возило трето лице и физички го нападнале. Причината биле должничко-доверителски односи. Овој немил настан од редовите на црната хроника е потсетник на важноста од регулирањето на должничко-доверителските односи кои треба да се решаваат низ институциите на системот, а не анархично, на улиците. Токму затоа и „сите очи“ се вперени кон Уставниот суд кој се очекува месецов да поведе постапка по иницијативи за оценување на уставноста на членот 2 и членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигациони односи. Имено, овие спорни членови предвидуваат застарување на побарувањата постари од 10 години и предизвикаа низа реакции кај правните и физичките лица. Тие досега заради низа причини не успеале да си ги наплатат долговите, дел од нив направиле и дополнителни трошоци покренувајќи постапки во обид да си го остварат своето право, а сега со спорните членови од Законот за облигациони односи (ЗОО), треба да се откажат од сѐ во корист на должникот.
Граѓаните и компаниите кои имаат побарувања по различни основи, полагаат големи надежи во Уставниот суд, бидејќи тоа е единствената шанса да ги наплатат своите побарувања. Уставниот суд одлучува по иницијативите поднесени од адвокатот Љупчо Кузмановски и иницијативата поднесена од Предраг Баришиќ. Кузмановски во интервју нагласи дека очекува да победи правната држава за што на потег е Уставниот суд.
Побарувањата се по разни основи како на пример, неисплатени плати и придонеси, алиментација, наплата на надомест за издршка на дете, побарувања од остварување на надомест од несреќен случај, при услови кога настапува смрт и телесна повреда или оштетување на здравјето. Доверители се и граѓани од ранливи категории, а силна реакција стигна и од бизнис секторот. Имено, компаниите и на индивидуално ниво и преку Стопанската комора реагираа во јавноста за спорните членови од ЗОО. Оттаму потенцираа дека регулатива која ги штити должниците создава негативни услови за развој и правна несигурност.
Исто така, ваквите законски решенија дозволуваат селективен пристап во подмирување на обврските при јавните набавки, на некои се подмируваат побарувањата, а другите се праќаат во фамозната рамка, па на застарување. Не постоење правна сигурност во сопственоста, доведува да се намалува бројот на фирми, понудувачи во јавните набавки, намалена понуда доведува до повисока цена на штета на државата, се стимулира корупцијата за да се наплати долгот, и фирмите кои не успеваат да наплатат, престануваат со работа што е негативно за државата, која наплаќа даноци од работењето на секое претпријатие.
Адвокатската комора на Р.С.Македонија потенцираше дека членот 2 и членот 4 од 368 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигациони односи се дискриминирачки и спротивни на Уставот. Со наведените измени се наруши правниот ред и поредок, се поттикна финансиска недисциплина, при што должниците се ставија во привилегирана положба, наспроти доверителите, а се наруши и финансиската стабилност на државата. Според Уставот, правото на сопственост е загарантирано право на секој граѓанин и правно лице. Уставот е највисок правен акт во државата, па оттука сите законски, подзаконски акти и други пишани правила треба да бидат во целосна согласност со овој правен акт.
Подготвено од М.Д.