17.09.2024 Скопје
Уставниот суд да дозволи извршувањето на долговите да застарува за 10 години, бараат невладините. Откако пред три месеци Уставен замрзна дел од законот за Облигациони односи и времено го укина застарувањето, сега судиите треба да донесат конечна одлука. Невладините бараат да е во корист на граѓаните.
„Да застанат на страната на народот, на страната на 99 проценти од нас кои сме засегнати кои се наоѓаме во должничко ропство. Затоа што со тој закон многу луѓе ќе се спасат“, изјави Ана Глигорова, Здружение „Човекот над профитот“.
Неприфатливо за нив е тврдењето на судот дека законот ги дискриминира доверителите. Бројот на граѓани бил многу поголем од компаниите кои бараат наплата на заостанат долг. Се сомневаат дека токму тие стојат зад одлуката на Уставен да го укине застарувањето.
„Создава сомнеж дека имаме големо влијание на големи играчи на монополи, на силни компании и големо влијание на едно извршителско лоби и имаме сомнеж дека може да постои и мито и корупција во Уставен суд“, изјави Марјан Ненов, Здружение „Но Пасаран“.
Од Уставен појаснуваат дека судот не одлучува на ничија штета, туку, како што велат, имал улога да ги оценува прописите согласно Уставот и законите. Дали извршувањето на долговите ќе застарува за 10 години, Уставен ќе одлучува на седница идната среда.
Подготвено од М.Д.