28.09.2024 Скопје
Наредено е затворање на кујната, од која инаку не се носеле оброци за други училишни кујни, се до добивање на резултатите од лабораториските тестирања со што ќе се потврди безбедноста.
Ова го одговорија попладнево од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во врска со известувањето што го добиле, за сомнеж за труење со храна на неколку деца.
Изречени се мерки за темелно чистење на кујната, дезинсекција, дезинфекција и дератизација, спроведување на вонредни здравствени прегледи на вработените лица во кујната, се вели во пишаниот одговор од АХВ.
Појаснуваат дека по добиеното известување за сомнеж за труење со храна на осум деца во основното училиште ,,Ѓорѓија Пулевски” во скопската општина Аеродром, инспекциски служби на Агенцијата, во соработка со тимови од ЈЗУ Центар за јавно здравје – Скопје, Државниот здравствен и санитарен инспекторат и Институтот за јавно здравје – Скопје, спровеле вонреден инспекциски надзор во кујната во училиштето.
Земени се четири контролни оброци од храната која на учениците им била послужена минатиот ден, мостри од храна – салата од краставица, супа, мусака со мелено месо и компири и бомбици што ќе бидат лабораториски испитани. Исто така за лабораториско тестирање земени се и пет бриса од работни површини и од опрема, како и испироци од раце од вработените лица во кујната, појаснија од АХВ.
Околу 140 ученици од Основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во Општина Аеродром не се на настава, а наставниците пријавиле дека сите тие се со стомачни тегоби, дијареја и повраќање.
Станува збор за ученици кои се од пониските одделенија и кои се хранат во училишната кујна.
„Од 360 ученици кои се хранат во целодневна настава, околу 140 ученици се со исти или слични симптоми. Како училиште веднаш ја затворивме кујната, го спречивме топлиот оброк, дел од учениците од целодневна настава беа испратени дома бидејќи не може да останат долго време без топол оброк“, вели директорот на основното општинско училиште „Ѓорѓија Пулевски“, Александар Филипчев.
„ДСЗИ спроведе координиран вонреден инспекциски надзор во ООУ „Ѓорѓија Пулевски „ –, Скопје (со АХВ, тимови од ЈЗУ ЦЈЗ Скопје и ИЈЗ) – Скопје при што е констатирана следната фактичка состојба: Санитарно-хигиенската состојба во кујната со која стопанисува фирма со која училиштето има договор за подготвување и послужување појадок, ручек и ужина задоволува. Доставени се на увид санитарни книшки за извршени здравствено –хигиенски прегледи на вработените во законски рок. Дезинфекција, дезинсекција и дератизацијта е извршена од овластена установа во законски рок. Се користат и средства за дезинфекција за работните површини и опремата.
При надзорот се земени пет примероци од храна, четири бриса од работни површини, четири бриса од раце и од нос од вработените лица во кујна.
Земените примероци се доставени за анализа во лаборатотиите на ЦЈЗ и ИЈЗ. До завршување на вонредниот инспекциски надзор добиени се пријави за заразно заболување од ПЗУ од лекар педијатар за седум деца – ученици во училиштето. ДСЗИ ја затвори кујната записнички , со службена лента и ќе се издаде решение за забрана за работа до спроведување на следните санитарно- хигиенски и противепидемиски мерки:
– Генерално механичко чистење на објектот;
– Вонредни здравствено-хигиенски прегледи на вработените во кујната;
– Вонредна ДДД на објектот од овластена установа ;
– Добивање негативни резултати од земените брисеви од работните површини“, вели доктор Кирил Лазов, директор на в.д. ДСЗИ.
Подготвено од М.Д.