25.09.2024 Скопје
Со изложби, креативни работилници, концерти, базари, саеми и со други културни настани, почнува третото издание на „Маалски фестивал“, кое ќе трае од петок до недела.
„Маалски фестивал“ е уникатен сам по себе, затоа што нуди навистина различни аспекти од културното изразување на уметниците и на здруженијата што учествуваат во фестивалот. Станува збор за тридневен фестивал, кој е во организација на КСП „Центар – Јадро“. Тој започнува в петок, има навистина богата програма, за сечиј вкус и за секоја возраст. Овој мултимедијален и инклузивен колаж од збиднувања има цел да ги анимира и да ги инспирира граѓаните, односно уметниците и публиката, кои заеднички ќе учествуваат во создавањето една неповторлива и автентична маалска приказна – вели градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Третото издание на „Маалскиот фестивал“ започнува со работилница за изработка на сè и сешто во маалото, ќе биде предводена од активистот Никола Писарев, ќе започне во 10:00 и ќе трае до 15:00 часот. Тој и група уметници, заедно со учесниците на работилницата, најпрво ќе ги мапираат уништените и оштетените елементи на урбаната опрема, па ќе ги обноват клупите, игралиштата, жардиниерите. Најмладите учесници, заедно со уметникот, ќе изработуваат џиновски, улични сложувалки наменети за јавниот простор, со што ќе се здобијат со фини моторни вештини.
На третото издание на „Маалски“ ќе има изложба и бројни едукативни работилници, маалски базар, саем на книга, проекции на ретростудентски филмови… На третиот ден со почеток во 20:00 часот, во Паркот на франкофонијата ќе настапат повеќемина македонски поп-изведувачи, како дел од културната програма на Општина Центар.
„Маалски фестивал“ се реализира со финансиска поддршка од Министерство за култура и туризам.
Подготвено од М.Д.