tramp podeleno mislenje od naselenieto

06.09.2024 Скопје

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп се изјасни за невин по ревидираниот федерален обвинителен акт за наводен обид за мешање во изборите во 2020 година.

Обвинителот Џек Смит минатата недела ја смени формулацијата на обвиненијата, откако Врховниот суд пресуди дека претседателите имаат широк имунитет од гонење за службени дејствија.

Трамп ги отфрли обвинувањата дека вршел притисок врз официјални лица да ги поништат изборните резултати во 2020 година, свесно ширел лаги за изборни измами и ги искористил немирите во Капитол за да го одложи признавањето на победата на Џо Бајден.

Адвокатите на Трамп на вчерашното рочиште пред судот во Вашингтон во негово име официјално се изјаснија дека е невин, бидејќи Трамп се откажал од правото да присуствува на сослушувањето.

Ревидираниот обвинителен акт ги остава во сила четирите обвиненија против Трамп: заговор за измама, заговор за попречување службена постапка, обид за попречување службена постапка и заговор за кршење на правата.

Трамп се изјасни за невин и по првичните обвиненија и го оквалификува случајот како „лов на вештерки“ дизајниран да го „одвлече вниманието на американскиот народ“ од претстојните претседателски избори.

Засега не се знае кога ќе почне судењето и дали тоа ќе се случи пред ноемвриските избори.

Судијката Тања Чуткан на вчерашното рочиште рече дека распоредот ќе го соопшти „во најбрз можен рок“.

Подготвено од М.Д.

About Author