sudan

10.09.2024 Скопје

Воената влада на Судан го отфрли повикот на Обединетите нации (ОН) за распоредување меѓународни сили за заштита на цивилите од граѓанската војна во земјата.

Суданските завојувани страни извршиле „болно“ кршење на човековите права на цивилите, објавија ОН.

Неколку илјади луѓе се убиени и речиси осум милиони раселени од избувнувањето на конфликтот меѓу армијата и паравоените Сили за брза поддршка (РСФ) во април 2023 година.

Двете страни заедно извршија државен удар, но потоа се разидоа, што предизвика граѓанска војна во земјата.

„Со оглед на тоа што завојуваните страни не успеаја да ги поштедат цивилите, императив е без одлагање да бидат распоредени независни и непристрасни сили со мандат да ги штитат цивилите“, рече шефот на мисијата на ОН за проверка на факти, Чанде Отман.

Мисијата, исто така, повика на ембарго за оружје за двете страни вклучени во конфликтот.

Тој ги презентираше своите наоди откако доби сведоштво од прва рака од 182 преживеани, членови на нивните семејства и очевидци.

Обединетите Арапски Емирати беа критикувани за поддршка на РСФ со пари и оружје, што тие го негираат, додека Саудиска Арабија се смета дека има блиски врски со суданската влада.

Суданското Министерство за надворешни работи соопшти дека владата „во целост“ ги отфрлила препораките на мисијата за проверка на факти.

Тие го опишаа Советот на ОН за човекови права како „политичко и незаконско тело“ и изјавија дека препораките на мисијата се „флагрантно кршење на нејзиниот мандат“.

Подготвено од М.Д.

About Author