MILOS VUCEVIK

14.09.2024 Скопје

Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ, вчера изјави дека апсолутно го поддржува враќањето на задолжителниот воен рок и дека Владата на Србија е подготвена, доколку се постигне политички и општествен договор, многу брзо да донесе ваков предлог-закон и да го поднесе до Собранието на усвојување.

Владата е подготвена многу брзо да оди со тој предлог до Народното собрание и кога ќе бидат исполнети логистичките и административните услови да започне со него во 2025 година.

Јас како премиер и целата влада силно го поддржуваме она што претседателот (Вучиќ) го најави, а тоа е дека сериозно се приближуваме кон евентуалното донесување правен акт за укинувањето на суспензијата на воениот рок, рече Вучевиќ.

Тој потсети дека во април е изготвен елаборат со предлози за враќање на задолжителниот воен рок и дека претседателот на Републиката излезе со идеја овој рок да не биде подолг од 75 дена, од кои 60 дена ќе бидат обука, плус 15 дена вежби, со аспект одредени профили на образование посебно да се категоризираат, како на пример оние кои имаат завршено машински училишта или факултети да бидат вклучени во воено-техничките факултети, додека другите да одат на редовна обука.

Вучевиќ оцени дека е добро и корисно да се врати задолжителниот воен рок и за младите и за целата земја. – Тоа не е подготовка за војни и конфликти, туку е грижа за земјата.

Нашата земја со тоа не го укинува професионалниот состав на Вооружените сили на Србија (ВС), кој е ударна сила на ВС. Професионалната војска ги извршува најсложените задачи.

Со тоа ќе се врати силата на резервната војска, бидејќи имавме 11, 12 генерации кои не служеа војска или мал дел преку доброволно служење воен рок, рече тој.

Вучевиќ изјави дека ничиј живот нема да биде упропрастен за 75 дена и дека за тоа време младите регрути ќе добиваат паричен надомест, а касарните ќе се прилагодат на денешното време.

Подготвено од М.Д.

About Author