02.09.2024 Скопје
Водечката српска државна компанија за извоз на оружје, Југоимпорт-СДПР, во јули извезла оружје и/или муниција во Израел во вредност од 7,3 милиони евра, игнорирајќи ги, меѓу другото, апелите на експертите на ОН да се запре продажбата на оружје во таа земја поради можни воени злосторства против Палестинците во Газа.
Според извозните податоци од порталот што собира деловни податоци на државните институции, со јулската пратка, СДПР во 2024 година во Израел извезле стока во вкупна вредност од 23,1 милиони евра. Тој извоз се одвива за време на израелската воена операција во Газа во која загинаа повеќе од 40.000 Палестинци, а над 90.000 беа ранети, според Министерството за здравство на Газа. Израел, исто така, 11 месеци војува со Хезболах во Либан, што дополнително ја зголемува потребата за оружје.
Податоците за пратката во јули се совпаѓаат со пет летови на израелски воени авиони од белградскиот аеродром Никола Тесла до израелската воздухопловна база Неватим, користејќи јавно достапни податоци од веб-страниците што ги следат летовите на авионите.
Во претходната истрага, идентификувани се шест летови – во февруари, март и мај – што исто така одговараат на податоците за извозот.
Подготвено од М.Д.