16.09.2024 Скопје
Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп е на безбедна локација по обидот за атентат во близина на неговиот терен за голф во Вест Палм Бич, на Флорида, соопшти во неделата американскоо Федерално биро за истраги (FBI). Напаѓачот е уапсен.
Објавено е во неделата дека Трамп играл голф на теренот кога се случил инцидентот.
Шерифот на округот Палм Бич на прес-конференција рече дека напаѓачот бил во грмушките покрај теренот за голф, кога агентите на Тајната служба, кои го проверувале теренот пред Трамп, ја забележале цевката од пушката.
Агентите пукале кон него, а тој отфрлил автоматска пушка слична на „АК-47“, два ранца и други предмети и побегнал со црн автомобил „нисан“.
Очевидец го видел напаѓачот и можел да го фотографира неговиот автомобил и регистарска табличка, што доведе до тоа замениците на шерифот да го забележат и да го приведат во соседната област.
„Тој моментално е во притвор“, рече шерифот на округот Палм Бич, Рик Бредшо.
Трамп бил однесен на безбедна локација веднаш штом бил забележан напаѓачот. Подоцна на социјалните мрежи се огласи дека е добро.
Неименуван полициски функционер изјавил дека Трамп бил оддалечен од 300 до 400 метри од напаѓачот или една или две дупки на теренот за голф.
Трамп беше повреден во обид за атентат во Пенсилванија на 13 јули, што покрена многу прашања за безбедноста на претседателските кандидати пред изборите на 5 ноември.
Белата куќа објави во соопштението дека претседателот Џо Бајден и потпретседателката Камала Харис биле известени за инцидентот и дека им олеснало кога знаеле дека Трамп е безбеден.
„Насилството нема место во Америка“, рече Харис во објавата на социјалните мрежи.
Подготвено од М.Д.