sobranie-bugarija34-750x430

27.09.2024 Скопје

Декларација со „осуда за нарушувањето на билатералните односи од страна на македонските политичари“ ќе усвои Народното собрание на Бугарија на последниот работен ден пред распуштањето на пратениците поради новите предвремени парламентарни избори во земјата, кои се седми во последниве три години.

Декларацијата е на предлог на конзервативната десничарска партија „Преродба“ на Костадин Костадинов и утрово беше едногласно усвоена во Комисијата за надворешна политика, со помали корекции.

Во текстот се наведува и дека Националното собрание декларира политичка намера и аспирација за завршување на изградбата на паневропскиот Коридор 8 на бугарска страна и се повикува владата на Македонија одговорно и со добра волја да пристапи кон сите обврски и договори, со цел навремено да се изградат делниците на македонската територија.

Во декларацијата се инсистира да се врати позитивниот дијалог „кој е прекинат од страна на Р.С.Македонија“ и да запре „антибугарската кампања во Македонија и провокативните изјави кон Бугарија“.

Со документот се потврдува волјата на бугарската држава и институции за организирање на заеднички прослави на заеднички историски настани и личности, „со оглед на богатата заедничка историја на двете земји“. Исто така, се изразува навреденост од тоа што членови на македонската влада го негираат постоењето на заедничката историја, „што е директно кршење на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година“.

Во нацрт-декларацијата се повикуваат Европската Унија и Европската Комисија да обрнат внимание и да ги осудат „навредливите квалификации на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој Бугарите ги нарекува недостојни, мизерни и нецивилизирани, а бугарските политичари – маргиналци и корумпирани.

Се нагласува и дека покрај прифатениот француски предлог, „постои опасност преговарачкиот процес за проширување на ЕУ повторно да биде во застој поради едностраното неисполнување на обврските и роковите од страна на РСМ“.

Со документот се бара прецизно да се разгледаат сите аспекти за одвојувањето на Албанија од Македонија во преговарачкиот процес за членство во ЕУ.

„Очигледно е дека ваквото раздвојување ќе го забрза членството на Албанија и ќе придонесе за нејзина побрза европска интеграција. Истовремено, на РСМ би ѝ овозможило можност да избегне ескалација на политичката тензија поради потребата да се израмни со брзината на Албанија“, се вели во текстот.

По завршувањето на расправата, претседателот на Комисијата за надворешни работи во бугарското собрание, Бојко Борисов, изјави дека најважно е што сите пратеници и сите партии во Бугарија се обединети кога е во прашање добрососедството меѓу двете земји и „секој што ќе го прекрши треба да сноси одговорност“.

Подготвено од М.Д.

About Author