18.09.2024 Скопје
Просперитетот, безбедноста и демократијата, заедно со конкурентноста и дигиталната и енергетската транзиција, ќе бидат основни приоритети на новата Европска комисија, изјави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен на прес-конференција во Стразбур на која официјално ги претстави новите еврокомесари и ресорите со кои ќе раководат.
Според неа, целиот Колеџ на комесари ќе биде посветен на конкурентноста и зајакнување на технолошкиот суверенитет, безбедност и демократија и градење конкурентна, декарбонизирана и циркуларна економија со фер транзиција за сите, како и дизајнирање храбра индустриска стратегија со иновации и инвестиции, зајакнување на европската кохезија и региони и поддршка на луѓето, вештините и нашиот социјален модел.
Целта е да се гарантира дека Европа може да ги наметне своите интереси и да предводи во светот – истакна Фон дер Лајен на прес-конференцијата, што се одржа по нејзината средба со членовите на Конференција на претседатели на Европскиот парламент, што ја сочинуваат претседателката на ЕП, Роберта Мецола и првите луѓе на пратеничките групи.
Фон дер Лајен потенцира дека секој член на ЕК е еднаков и секој комесар има еднаква одговорност да ги исполни поставените приоритети.
Тоа значи дека сите комесари мора да работат заедно. Во овој дух, секој извршен потпретседател, исто така, ќе има портфолио на кое ќе се фокусира, за што ќе мора да работи со другите комесари, бидејќи она што влијае на безбедноста, влијае и на демократијата, она што влијае на економијата, влијае и на општеството, а она што влијае на климата и животната средина, исто така, влијае и на луѓето и бизнисот – додаде Фон дер Лајен.
Таа потенцира дека при составот на ЕК и распределбата на ресорите водела сметка за постигнување баланс и во однос на половата и географската застапеност, па така во Комисијата ќе има 11 жени, што е околу 40 отсто.
Кога го добив првиот сет на номинации и кандидати, бевме околу 22 отсто жени и 78 отсто мажи. Тоа беше неприфатливо. Затоа работев со земјите членки и успеавме да го подобриме балансот на 40 отсто жени и 60 отсто мажи – потенцира Фон дер Лајен.
Новата Европска комисија ќе има шест извршни потпретседатели од кои четири жени и двајца мажи. Шпанката Тереза Рибера ќе биде извршна потпретседателка на чиста, праведна и конкурентна транзиција и еврокомесарка за политиката на конкурентност, Финката Хена Виркунен е извршна потпретседателка за технологија, суверенитет, безбедност и демократија и еврокомесарка за дигитални технологии, а Французинот Стефан Сежурне ќе биде извршен потпретседател за просперитет и индустриска стратегија и еврокомесар за индустријата, мали и средни претпријатија и единствениот пазар.
Останатите тројца извршни потпретседатели ќе бидат Романката Роксана Манзату, задолжена за вештини и стручно оспособување на луѓето, која воедно ќе биде и еврокомесарка за вештини, образование, култура, квалитетни работни места и социјални права, Италијанецот Рафаеле Фито, кој ќе биде одговорен за кохезија и реформи и еврокомесар кохезивна политика, регионален развој и градовите и Естонката Каја Калас, како висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.
Словакот Марош Шефчович ќе биде еврокомесар за трговија, економска безбедност, меѓуинституционални односи и транспарентност, Летонецот Валдис Домбровскис за економија, продуктивност, имплементација и поедноставување, Хрватката Дубравка Шуица е предложена за еврокомесарка за Медитеранот, а Унгарецот Оливер Вархеји за здравје и благосостојба на животните.
Еврокомесар за клима, нето нула емисии и чист раст ќе биде Холанѓанецот Вопке Хукстра, за одбрана и Вселената Литванецот Андриус Кубилиус, за проширување Словенката Марта Кос, а за меѓународни партнерства Чехот Јозеф Сикела.
Кипранецот Костас Кадис ќе раководи со ресорот рибарство и океани, Португалката Марија Луис Албакерки со финансиските услуги, штедењето и инвестициите, Белгијката Хаџа Лабиб со подготвеноста и менаџирањето на кризи, а Австриецот Магнус Брунер со внатрешните работи и миграцијата.
Јесика Розвол од Шведска ќе биде еврокомесарка за животна средина, отпорност на водите и конкурентна циркуларна економија, Пјотр Серафин од Полска за буџет, борба против измамите и јавна администрација, Ден Јоргенсен од Шведска за енергија и домување, а Бугарката Екатерина Захариева за истражување и иновации.
Ирецот Мајкл Мекграт ќе биде комесар за демократија, правда и владеење на правото, Гркот Апостолос Цицикостас за одржлив транспорт и туризам, Луксембуржанецот Кристоф Хансен за земјоделство и храна, а Малтежанецот Глен Микалеф за меѓугенерациска правичност, култура, млади и спорт.
Според Фон дер Лајен, клучна порака што доаѓа од ваквиот состав на ЕК е дека без разлика од каде доаѓаат и без оглед на нивната позиција, сите членови на Колеџот на комесари мора да работат заедно.
Ќе имаме отворени дебати, сите ќе бидеме независни во мислата и делувањето и сите ќе ја преземеме обврската за спроведување на договореното – истакна Фон дер Лајен.
Таа додаде дека сега по официјалното претставување на составот на Европската комисија пред Европскиот парламент, тој може да продолжи со формалната постапка за одобрување на новиот Колеџ на комесари.
Подготвено од М.Д.