25.09.2024 Скопје
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш денеска ги предупреди светските лидери дека неказнивоста, нееднаквоста и неизвесноста создаваат „неодржлив свет“.
„Не можеме да продолжиме вака“, рече Гутереш во Њујорк, на почетокот на годишната дебата на Генералното собрание на ОН во која учествуваат шефови на држави и влади и други лидери.
Укажувајќи на продлабочувањето на геополитичките поделби, војните на кои не им се гледа крај, климатските промени и нуклеарното и новото оружје, тој рече дека човештвото „се движи кон незамисливото: буре барут се заканува да го зафати светот“.
„Предизвиците со кои се соочуваме се решливи“ доколку меѓународната заедница се соочи со неизвесноста на неконтролираните ризици, нееднаквоста што лежи во основата на неправдата и поплаките и неказнивоста што го поткопува меѓународното право и основните принципи на ОН, посочи тој.
Денес, се поголем број влади и други чувствуваат дека имаат „право на картичка „излези без затвор““, рече тој, алудирајќи на наградата во играта на табла „Монопол“.
Состанокот на светските лидери започна во сенка на растечките поделби во САД, големите војни во Газа, Украина и Судан и заканата од уште поголем конфликт на Блискиот Исток.
Гутереш, исто така, ги изрази своите ставови во неделата7 на „Самитот на ОН за иднината“, кога ги наведе и огромните нееднаквости, недостатокот на ефективен глобален систем кој ќе одговори на нови, па дури и егзистенцијални закани, како и разорното влијание на климатските промени.
Амбасадорката на САД, Линда Томас-Гринфилд, изјави за новинарите дека фокусот на денешниот говор на американскиот претседател Џозеф Бајден на Генералното собрание на ОН ќе биде ставање крај на „воената неволја“ и страдањето на две милијарди луѓе кои живеат во областите во светот зафатени од војна.
„Најранливите луѓе ширум светот сметаат на нас да продолжиме напред, да направиме промени, да им донесеме чувство на надеж“, рече таа.
Други говорници денеска на отворањето на општата дебата се бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јорданскиот крал Абдула Втори и новиот претседател на Иран Масуд Пезешкијан.
Подготено од М.Д.