27.09.2024 Скопје
Во Шпанија денеска на повик на синдикатите ќе се одржат протести со цел да се постигне договор меѓу владата и бизнис секторот за намалување за два и пол часа на една 40-часовна работна недела.
Работодавците тоа го одбиваат бидејќи се загрижени за зголемените трошоци, додека социјалистите на шпанскиот премиер Педро Санчез се обидуваат да ги убедат претпријатијата да прифатат план за намалување на работната недела, велејќи дека промената ќе доведе до зголемена продуктивност.
Сопствениците на претпријатијата стравуваат дека предлогот ќе значи дека вработените работат помалку часови за иста плата како порано.
Поранешниот шеф на Европската централна банка, Марио Драги, во извештајот, кој беше направен овој месец за Европската комисија, изјави дека ЕУ мора да го премости јазот во продуктивноста меѓу нејзините членки за да држи чекор со економските ривали – САД и Кина.
Шпанците работат повеќе часови од повеќето Европејци и, според Евростат, просечната работна недела во Шпанија била 36,4 часа во 2023 година во споредба со просекот на ЕУ од 36,1 час.
Подготвено од М.Д.