-severot-na-evropa-

18.09.2024 Скопје

Земјите од Медитеранот мора да очекуваат дека со продолжување на затоплувањето ќе се соочат со значително намалување на побарувачката, која ќе биде пренасочена од јужните на северните делови на Европа.

Ова се наведува во новата студија на Европската комисија за патувања (European Travel Commission ETC) за кризите со кои се соочува туристичкиот сектор. По пандемијата имавме инфлација и воени случувања, со континуиран пораст на опасноста од климатски промени. Проекциите кои ги дава „ETC“ се базираат на податоци од 269 европски региони, со хоризонт до 2100 година.

„Се очекува сезонската распределба на туристичките побарувачки постепено да се менува, со релативно намалување во лето и зголемување во вонсезона и зима. По минатогодишните високи температури, бројот на луѓе кои планираат да го посетат Медитеранот во периодот помеѓу јуни и ноември 2023 година веќе падна за 10 отсто, а туристите наместо тоа размислуваат да патуваат во Чешка, Данска, Ирска и Бугарија“, велат аналитичарите на „ETC“.

Понатаму, недостатокот на снег веројатно ќе ја промени туристичката побарувачка во регионот на Алпите, кој сега привлекува околу 120 милиони туристи годишно. Скијачките центри под 1.500 метри ќе бидат речиси без снег во блиска иднина, што ќе влијае на околу една четвртина од алпските одморалишта. Пазарниот удел на оние на поголема надморска височина најверојатно ќе се зголеми, поради очекуваното префрлање на ски-туризмот кон дестинации на кои ќе има повеќе снег.

Имено, под претпоставка за силно сценарио за глобално затоплување, алпските ски-центри би можеле да имаат 40 отсто помалку снежни денови годишно до крајот на векот (снег 137 дена годишно, 80 дена помалку од сегашниот просек од 2071 година натаму), со природна снежна покривка која потенцијално целосно исчезнува во едно од осумте светски одморалишта.

Скијалиштата и компаниите за жичарници низ Швајцарија, која се затоплува околу двојно повеќе од глобалниот просек, делумно поради ефектот на планините што ја задржуваат топлината, се борат со недостатокот на снег, настојувајќи да ги привлечат туристите со други облици на разонода, како на пример отворање на алпски велосипедски патеки за Божиќ, што делува како компензација за одложената скијачка сезона. Во јануари 2023 година, само 16 од 70 скијачки патеки беа отворени во луксузното одморалиште Гштад, а употребата на жичарници е намалена за околу 35-40 отсто во споредба со претходната година, се вели во извештајот.

Доказите за променливите временски модели кои влијаат на побарувачката за туризам веќе се забележуваат во Шпанија, каде што туристите веќе трошат повеќе во поладните крајбрежни општини во Шпанија отколку во потоплите општини. Помеѓу летото 2019 година и летото 2023 година, приходите од туризмот се зголемиле во просек за 45 проценти во постудените региони, а до 35 проценти во потоплите региони. Дополнително, за време на летните топлотни бранови во 2023 година, туристите ја намалиле потрошувачката во најтоплиот дел од денот (помеѓу 12 и 17 часот) и ја зголемиле помеѓу 22 и 7 часот наутро.

Во грчката престолнина минатото лето се случи преседан – Атина ја затвори својата главна туристичка атракција, Акропол, за да ги заштити туристите откако температурите достигнаа 45 степени во јули 2023 година, а истото се повтори и во јуни оваа година. На локацијата беа испратени и волонтери и работници за прва помош за да им помогнат на туристите кои биле загрозени од жештините. Туристите летово го напуштаа Рим порано од планираното, а болниците се соочија со пораст на итните медицински случаи.

Подготвено од М.Д.

About Author