srbija-foto-peksel-696x464

18.09.2024 Скопје

Србија и Албанија во изминатите денови објавија податоци за зголемување на странските инвестиции.

За очекување е нивото на странски директни инвестиции годинава да ја надмине бројката од 4,5 милијарди евра, според последните анализи, изјави деновиве српскиот претседател Александар Вучиќ, а пренесоа српските медиуми.

„Добивме и анализа за странските директни инвестиции за првата деценија од септември. Гувернерката Јоргованка Табаковиќ непосредно пред оваа прес-конференција ми испрати информација дека сме за 12,3 отсто понапред во однос на лани, што значи дека можеме да очекуваме да имаме повеќе од 4,5 милијарди евра странски директни инвестиции“, рече Вучиќ обраќајќи им се на граѓаните.

Тој истакна дека странските инвестиции го туркаат развојот на Србија напред.

„Горд сум и на фактот што денеска ја отворивме фабриката „Линглонг“ во Зрењанин“, рече Вучиќ.

Албанија, пак, во првата половина од годинава забележала рекорден износ на странски инвестиции – 749 милиони евра, што претставува 55 милиони повеќе во споредба со истиот период минатата година и 113 милиони евра повеќе во споредба со 2022 година, објави Централната банка на Албанија.

Странските директни инвестиции во вториот квартал се проценети на 395 милиони евра, со раст од околу четири отсто на годишно ниво. Најмногу вложувале Холандија, Италија и Турција.

„Во вториот квартал од годинава, влезните девизни текови во форма на странски директни инвестиции главно биле концентрирани во недвижности во обем од 25 проценти, секторот за финансиско посредување, нафтата и транспортот. Интересот за недвижности е директно поврзан со интересот на странците да купуваат имот и куќи, особено на крајбрежјето“, наведува банката.

Централната банка на Албанија оценува дека растот на странските инвестиции е главен фактор за зајакнување на домашната валута – лекот, бидејќи директно влијае на зголемувањето на оптекот на европската валута во албанската економија.

Подготвено од М.Д.

About Author