25.09.2024 Скопје
Килијан Мбапе минатото лето како слободен играч пристигна во Реал (М) од ПСЖ и затоа „кралскиот клуб“ не плати никакво обештетување за него. И покрај тоа што не беа потрошени пари за обештетувањето, доаѓањето на Французинот на „Сантијаго Бернабеу“ со право е најзвучниот трансфер летово.
Бразилецот Ендрик му се придружи и Реал (М) од Палмеирас за 50 мил. евра и затоа бранителот на тронот во Ла Лига изгледа апсолутно моќно на сите позиции.
Сепак, ситуацијата во Шпанија не е толку сјајна бидејќи Барселона меле се пред себе, но ова е само почеток на сезоната и ќе видиме што ќе се случи понатаму.
Во Европа, пак, Реал (М) стартуваше со победа против Аталанта во Суперкупот на УЕФА, а со триумф против Штутгарт беше отворена Лигата на шампионите.
Иако Карло Анчелоти има тим кој е способен да освои се во светот на фудбалот, раководните лица веќе прават план за следното лето и составуваат список со желби.
Веќе е познато дека најголема желба е германскиот играч за врска и член на Баер од Леверкузен, Флоријан Вирц.
Вирц минатата сезона експлодираше во дресот на „фармацевтите“ со кој ја освои Бундеслигата и реши да одработи уште една сезона во дресот на овој тим.
Фудбалските медиуми немаат дилема дека Германецот ќе ја промени клупската средина следното лето, а Флорентино Перез и Карло Анчелоти би можеле да го направат најскапиот играч во историјата на Реал (М).
Досега најскапо платено засилување на Реал (М) беше Еден Азар кој пристигна од Челзи за 120 мил. евра.
Неофицијално, шпанскиот гигант планира да му понуди 150 мил. евра на Баер Леверкузен за обештетувањето на Вирц.
Фантастичниот играч за врска има договор со Леверкузен до летото 2027 година и Реал (М) не сака ништо да препушти на случајноста и затоа нуди рекордо обештетување.
Подготвено од М.Д.