nagrada-sasko

27.09.2024 Скопје

„После ова за мене е уште потешко, затоа што одговорноста е уште поголема и очекувања се уште поголеми“, посочи Сашко Коцев, кој е годинешен добитник на наградата „Васил Иљоски“ за неговиот придонес во театарската уметност, особено во делот на комедијата. На фестивалот, што ќе трае до 9 октомври, ќе бидат одиграни 12 претстави.

„За театар се потребни двајца, едниот од оваа сцена да игра, а другиот да гледа, тоа сте вие. Ние никогаш не би можеле да постоиме без вас“, со овие зборови вчеравечер, познатиот македонски актер Сашко Коцев ѝ се заблагодари на публиката на свеченото отворање на 27. Меѓународен фестивал „Денови на комедија“ во Куманово, на кое му беше доделена наградата „Васил Иљоски“ за неговиот придонес во театарската уметност, особено во делот на комедијата.

Тој пред присутните истакна дека за него е најважна реакцијата на публиката.

„После ова за мене е уште потешко, затоа што одговорноста е уште поголема и очекувања се уште поголеми. Верувам дека нема да ја изневерам публиката и тука сакам да се заблагодарам на советот на фестивалот, на публиката за огромното признание“, додаде Коцев.

Фестивалот што ќе трае до 9 октомври и на кој ќе бидат одиграни 12 претстави, го отвори кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кој рече дека фестивалот го отсликува градот и менталитетот на кумановци, истовремено заблагодарувајќи им се на актерите и гостите кои редовно го следат фестивалот веќе 27 години.

Денови на комедија во Куманово започнаа вчеравечер со претставата „Вечера за глупаци“ во изведба на Велешкиот театар. По вeчерашната „Секс, лаги и љубомора“, на народен театар Охрид, утре публиката во Куманово ќе има можност да ја види комедијата „Фустан за бегство“ на драматичен куклен театар од Враца, Република Бугарија.

Во рамките на фестивалот, во текот на наредните денови, ќе бидат одиграни и претставите „Автопат Сагбама“ на Позориште „Бора Станковиќ“ од Врање, Србија, „Пар-распар“ на Театар Комедија од Скопје, „Итроштините на Патук“ од тетовскиот театар, „Се бара нов маж“ од драмско куклен театар Плевен, Бугарија, „Мажи во влечки“ на албанската драма на Театар Куманово, „Женидба“ на Народен театар Штип, „Кокошке“ во изведба на Народен театар од Ниш.

Со премиерата „Ноќ спроти Водици (Како што сакате)“ на Театар Куманово (8 и 9 октомври) во режија на Срѓан Јаниќиевиќ ќе биде затворена фестивалската програма.

На последната вечер од Фестивалот, на 9 октомври ќе се доделат и наградите за: најдобра актерка и актер, најдобра споредна улога (машка и женска), најдобра режија, сценографија, костимографија и најдобра претстава.

Освен, официјалната програма на фестивалот како новина е планирана и изведба на две студентски претстави, на 30 септември и на 7 октомври.

Овој традиционален фестивал е поддржан од Министерството за култура со 600.000 денари, а Општина Куманово  даде финансиска поддршка од 350.000 денари.

Подготвено од М.Д.

About Author