MVR

09.09.2024 Скопје

Република Северна Македонија ќе добие Национален центар за побезбеден интернет – MkSafeNet, што се смета за европски стандард кога е во прашање безбедноста на децата и младите во дигиталниот простор. Неговото формирање, според експертите, е насушна потреба, поради незадоволителната дигитална писменост и случаите на интернет кои имаа сериозни последици.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во ЕУ Инфо House го потпиша Грант договорот со Европската Унија за основање на првиот Национален центар за побезбеден интернет – MkSafeNet. Овој чекор е дел од програмата Дигитална Европа, која предвидува вкупно  7,5 милијарди евра на ниво на цела Европска унија. Проектот ќе биде финансиран со грант од 673.354 евра од Европската Унија, дополнет со значително кофинансирање од Владата во износ од околу 175 илјади евра.

Според Андоновски, во ерата на рапидна дигитализација, безбедноста на интернет не е луксуз, туку неопходност, и претставува инвестиција во нашата дигитална иднина, клучна за економски развој и за создавање на квалификувана работна сила за дигиталната ера.

Овој проект не е изолиран чекор, туку е дел од пошироката стратегија на Владата за дигитална трансформација на Р.С. Македонија. Заедно со сеопфатните политички и стратешки документи и регулатива, центарот е камен во мозаикот на нашите заложби за реформи во процесот на вистинска дигитализација,  евроинтеграции и претставува конкретен пример за тоа како соработката со ЕУ носи директни придобивки за нашите граѓани, рече министерот Андоновски, посочувајќи на уште еден елемент како придобивка од овој проект, а тоа е да се дознае каква е состојбата кај нас со младите на интернет споредено со другите држави.

MkSafeNet ќе се реализира во текот на наредните 18 месеци и ќе вклучува студија со акциски план за конкретни обврски на секој од засегнатите чинители, формирање на центар за подигнување на свесноста од заканите на интернет, телефон за помош (Helpline), младински панел и советодавен одбор. Проектот е целосно усогласен со EU Digital Services Act и стратегијата Better Internet for Kids (BIK+), што дополнително ја приближува земјата кон европските стандарди во дигиталната сфера.

Кога е во прашање законската регулатива, во Кривичниот законик по кој постапува МВР, нема посебно дефинирано кривично дело „сајбер малтретирање”. Сличен тип на злоупотреби, како што изјавуваат од МВР, граѓаните ги пријавуваат по однос на кривичните дела „злоупотреба на лични податоци” казниво по член 149 од КЗ, како и „загрозување на сигурноста по пат на информатички системи” казниво по член 144 ст.5 од КЗ, кривични дела кои Советот на Европа ги усвоил на Конвенцијата за компјутерски криминал во Будимпешта и имаат стапено на сила на 01.01.2005 година.

На прашањето дали МВР има статистика со пријави за сајбер малтретирање на млади, од Министерството наведуваат дека младите во земјава најчесто се соочуваат и пријавуваат проблеми како што се: закани по пораки на социјални мрежи, отворање на лажни профили, споделување на нивни фотографии во приватни групи со недолични коментари (содржини). По добиените пријави, Министерството за внатрешни работи врши истраги за прибирање на докази и ги утврдува фактите, додека санкциите се надлежност на Јавното Обвинителство и Судот, наведуваат од МВР.

Детската амбасада Меѓаши, е дел од проектот „MKSAFENET“ кој е под водство на Министерството за дигитална трансформација, а во рамки на кој, во периодот од 18 месеци треба да се воспостават важни механизми, процедури и правила на координирано справување со различни предизвици во интернет просторот со кои се соочуваат децата.

„Проектот стартува од 01.09.2024 година и предвидува формирање на Национален центар за безбеден интернет простор за децата каде како важен дел од новиот систем за безбедност е АлоБушавко линијата за деца и млади претходно познат како СОС телефон за деца и млади“, велат од Меѓаши.

Од невладината организација појаснуваат дека линијата за деца и млади АлоБушавко, е дел од глобалната мрежа на СОС-линиите Child helpline International (CHI), меѓународна мрежна организација призната од Европската комисија и Генералниот директорат за правда, како стратешки партнер во јакнењето на улогата на детските СОС-линии во Европа.

Подготвено од М.Д.

About Author