04.09.2024 Скопје
Луѓето кои прават ајвар по нарачка велат дека оваа сезона, зимницата ќе чини поскапо. Голема тегла ајвар нема да биде под 350 денари.
Објаснуваат дека ајварката е поскапа, а воедно изминатиов период имаше поскапувања и затоа и тие мораат да ги зголемат цените за трудот да им се исплати. Околу 15-ти септември обично почнува сезоната на подготовка на ајварот. Некои побрзале и веќе испорачуваат ајвар, други чекаат да залади за истиот да го подготват, а има и такви кои уште не ја дефинирале новата цена.
„Цената ќе биде 350 денари за големите тегли, а малите 150 денари. Ајварката вчера на пазарот во Битола беше 70 денари. Ние правиме чист ајвар, не ставаме ни моркови, ни домати, ни модар патлиџан, само пиперки. Поубав е ајварот само со пиперки. Лани и претходната година за пријатели правевме и порачуваат по 10, 15 тегли, кој како сака. Важно пиперката е наша, чисто, природно, ние вештачки ѓубрива не користиме. Правиме само за пријатели, за нас и за нашите внуци. Помал род има пиперката годинава и квалитетот од претходните години го нема. Ние околу 20-ти, 25-ти септември правиме ајвар по нарачка за пријателите, откако ќе залади времето, затоа што на оваа температура не е пријатно да се печат пиперки, а знаеме дека за ајвар се печат поголеми количини, по 30 килограми и повеќе. За една тегла ајвар се трошат и до 4 килограми пиперки. Од органската пиперка ајварот е повкусен“.
Луѓе во повеќе македонски градови прават ајвар и други зимници по нарачка. Тие го користат интернетот за да привлечат купувачи.
„Секако ќе биде поскапо, оти пиперот е поскап годинава. За истите пари не може да се купи иста количина на храна и за истите пари не може да се работи. При крајот на септември почнуваат нарачките. Имаше од претходните години, бараа од 5 па до 30-40 тегли, секој различно. Најверојатно се работи за луѓе што финансиски добро стојат, а немаат време да прават ајвар. Се трудиме да направиме квалитетен ајвар, одиме повисоко со цената, но тоа е за оние кои го ценат квалитетот и можат да платат“.
Друга постара жена вели дека веќе има нарачки за ајвар и лутеница.
„Цената е 400 денари за голема тегла. Луѓето веќе нарачуваат, секој според потребата и им праќаме по карго“, додава Гордана Соколовска.
Цените на доматите и пиперките на пазарите се повисоки за 20 до 40 отсто споредено со лани. Со децении во земјава, домаќинките подготвуваат ајвар, а истиот се јаде најчесто во комбинација со сирење. Ајварот е популарен на Балканот, а за овој специјалитет се знае и пошироко во светот. Податоците низ годините покажуваат дека македонскиот ајвар се извезува во Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина(БиХ), Германија и други земји.
Подготвено од М.Д.