orce kisela voda

27.09.2024 Скопје

Градоначалникот на општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски, синоќа рече дека не ја исклучува можноста и би го прифатил предизвикот да се кандидира за градоначалник на Скопје.

„Ако одлучи мојата политичка партија и телата на партијата, но и граѓаните, од она што е евидентно мислам дека имаме одлична реализација на проектите досега, а имам и сериозна поддршка од моите сограѓани. Би го прифатил тој предизвик, секако, и мислам дека би бил човек кој што би ги решил проблемите што ги има нашиот град“, рече Ѓорѓиевски.

Тој рече дека во ЗЕЛС се составува тим од градоначалници и правници, кои ќе изготват предлог законски измени и ќе ги достават до Министерството за локална самоуправа кои би го предложиле до законодавниот дом, со цел да се создаде механизам за отповикување на градоначалник кој не е во функција на граѓаните.

„Градоначалниците имаат голема моќ и освен на избори не можат да бидат променети. Таква е состојбата со градоначалничката на Скопје и со некои други. Факт е дека треба да има законски контролен механизам, отчетност пред граѓаните и секој градоначалник кога ќе стапи на функцијата треба да биде свесен дека би можел пред време да биде променет“, истакна Ѓорѓиевски.

Подготвено од М.Д.

About Author