depresija-39494

11.09.2024 Скопје

Светскиот ден за превенција на самоубиства се одбележува секоја година на 10-ти септември. Одбележувањето започна уште во 2003 година по иницијатива на Меѓународното здружение за превенција на самоубиства (International Association for Suicide Prevention – IASP) и Светската здравствена организација (СЗО).

Целта на Светскиот ден е да се насочи вниманието кон проблемот на самоубиства, да се намали стигмата и да се подигне свеста за можноста за превенција на самоубиства. Покрај тоа, целта е да се воспостави соработка меѓу клучните актери и да се промовираат активности базирани на научни докази за намалување на инциденцата на смртни случаи, обиди за самоубиство и суицидални мисли.

Самоубиството е голем јавноздравствен проблем со далекосежни социјални, емоционални и економски последици. Годишно од самоубиство умираат повеќе од 720.000 луѓе, а значително повеќе се обидуваат да го направат тоа. Особено загрижувачка е фактографијата дека самоубиството е трет водечки причинител на смртност меѓу младите на возраст од 15 до 29 години.

Иницијативата на СЗО за превенција на самоубиства, наречена „ЖИВЕЈ ЖИВОТ“, истакнува клучни интервенции базирани на докази: ограничување на пристапот до средства за самоубиство (пестициди, оружје, лекови), соработка со медиумите за одговорно известување, поттикнување на социо-емоционални вештини кај адолесцентите, рано препознавање, проценка, управување и следење на лица со суицидално однесување.

Темата на овогодинешниот Светски ден за превенција од самоубиства, „Промена на наративот за самоубиството“, е посветена на промена на пристапот кон проблемот со самоубиството. Оваа тема го претставува отфрлањето на „културата на тишината“ и стигмата околу проблемот со самоубиството и прифаќањето на пристап исполнет со емпатија, отвореност и поддршка. Промената на наративот за самоубиството вклучува отворена и искрена дискусија за самоубиството и самоубиственото однесување, со цел да се урнат бариерите, да се подигне свеста и да се создаде култура на разбирање и поддршка. Ова значи и да бидете свесни дека зборувањето на овие теми не го зголемува ризикот од нив, но затоа слушањето без осудување и нудењето помош навистина помага.

Промената на наративот значи и промена на системот – застапување за мултисекторски политики кои даваат приоритет на менталното здравје, ја зголемуваат достапноста на грижата и поддршката за оние на кои им е потребна. Ова вклучува инвестирање во истражување насочено кон подобро разбирање на овој комплексен проблем и создавање интервенции засновани на докази.

Подготвено од М.Д.

About Author