13.09.2024 Скопје
На баварските Алпи падна првиот снег. Првите фотографии пристигнаа од врвот на Цугшпице, највисокиот во Германија кој се издига на 2.962 метри надморска височина и нуди една од најспектакуларните глетки во земјата.
Наврнаа неколку сантиметри снег, а во наредните денови може да паднат и до 50 сантиметри свеж снег на надморска височина од над 1.500 метри, прогнозира германската метеоролошка служба (DWD).
Брзо ескалираше. Од летни горештини до зима за 5 дена. Не заборавајте дека скијачката сезона започнува на 29 ноември 2024 година – соопштија на официјалната веб-страница на Цугшпице.
Вчера, германскиот метеоролог Доминик Јунг, најави дека на Алпите може да паднат два до три метри снег.
„Очекуваме исклучително насилна промена на времето каква што ретко се гледа. До викендот на Алпите може да наврнат два до три метри свеж снег. Делови од Европа се изложени на голем ризик од поплави“, предупреди германскиот метеоролог Доминик Јунг.
Подготвено од М.Д.