kovachev

30.09.2024 Скопје

Единствената европска преговарачка рамка за Република Северна Македонија нема да пукне, без разлика колку Виктор Орбан ги нуди своите услуги“, дециден е бугарскиот европратеник Андреј Ковачев од ЕПП по повод одвојувањето на Р.С.Македонија од Албанија на патот на интеграција во ЕУ.

Тој потсети дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски побегнал во Унгарија, а голем дел од македонските „медиуми на ВМРО-ДПМНЕ се во рацете на Унгарците и не се, во најмала рака, многу пријателски расположени кон Бугарија, и недостига духот на добрососедство“.

По повод предлогот на Виктор Орган неговата земја да биде посредник меѓу Бугарија и Р.С.Македонија, Ковачев додаде дека нема потреба за тоа.

Според него, главната теза на властите во Република Северна Македонија е дека „патот на РСМ кон Европа е блокиран од Софија, Бугарите се лошите момци и тие се виновни за сè“.

Неправедно беше Албанија да чека поради тоа, бидејќи Република Северна Македонија не ги исполнува критериумите за почеток на преговори за членство во ЕУ, нагласи европратеникот.

Во петокот на прес-конференцијата по средбата во Охрид меѓу премиерите Мицкоски и Орбан, унгарскиот премиер предложи официјална Будимпешта да посредува за да се надмине спорот со Бугарија и да се откочи евроинтегративниот процес на Р.С.Македонија, но Софија експресно го одби предлогот на Орбан.

Бугарија влегува во седми изборен циклус, а предвремените парламентарни избори се закажани за 27 октомври. Бугарското Национално собрание во четвртокот пред да се распушти поради изборите, консензуално донесе Декларација со која ја повика Владата во Скопје да ги изгради делниците од Коридорот 8, да го врати позитивниот дијалог раскинат поради антибугарската кампања во Р.С.Македонија и повика на организирање на заеднички прослави на заеднички историски настани и личности повикувајќи се „на богатата заедничка историја на двете земји“. Според Декларацијата бугарската страна негирањето на заедничката историја од страна на македонските власти претставува „директно кршење на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија од 2017 година“.

Подготвено од М.Д.

About Author