taravari

12.09.2024 Скопје

Од средина на месецов граѓаните ќе можат да ги поддигаат и деветте нови лекови кои се најдоа на позитивната листа. Како што соопштува министерот за здравство, Арбен Таравари, пациентите од аптеките ќе можат бесплатно да ги подигнат новите лекови од 16 септември.

„Од 16 септември пациентите можат девет нови лекови да ги земаат во аптека бесплатно. Значи, влегува во сила од понеделник. Подготвуваме платформа заедно со СЗО која што ќе обезбеди транспарентност на целиот процес при идното проширување на лековите. Исто така, препораки ќе имаме од СЗО, меѓутоа и од експертите внатре во државата. Би сакале проширувањето на позитивната листа да биде што посеопфатна, тоа што најмногу им треба на граѓаните“, вели Таравари.

Тој истакна дека не може да вети дека во наредниот период на оваа позитивна листа ќе се најдат уште 10 лекови, но како што вели, гарантира оти на секои три-четири месеци ќе има надополнување од плус еден, два или три лека.

Прашан дали некоја фирма се има јавено на тендерот за компресорките станица во Клинички центар – Скопје, а кој истекува утре, Таравари вели дека сигурно утре ќе добие информации за оваа постапка.

„Утре е 12 септември и ќе добиеме сигурна информација и ќе побараме и како Министерство сме обврзани да излеземе пред јавноста и да кажеме колку фирми конкурирале, дали повторно ниедна фирма не конкурирала. Јас не би сакал да не конкурирала ниедна фирма. Би сакал да има барем еден минимум, а камо среќа и два-три за да започнеме со уредување, средување на компресорската станица“, вели Таравари.

Посочи дека оваа тендерската постапка е важна за да продолжат инвестициите особено во хируршките сали и во Скопје и во другите Клинички болници.

„Така што многу ни е битно ова да го средиме па да започнеме со реновирање на хируршки сали и во „8 Септември“, и во Клинички центар, и во Тетово, премиерот кажа и болници се надевам Струмичката болница набргу да ја промовираме, а во меѓувреме да започнеме што побргу и во болниците во Штип и во Тетово“, изјави Таравари.

Министерот за здравство, Таравари е дециден дека економски директори на Клиниките нема, но како што вели доколку некој директор смета дека некој од поранешните економски директори бил експерт и смета дека треба да го земе како советник тоа е негова работа.

„Ние законски регулиравме, сега клиниките имаат по еден директор, а наскоро сите клиники ќе имаат само еден директор, така што ние одиме по рационализирање, а тие коишто сметаат дека некои одредени луѓе се експерти и им требаат може да ги примаат и по министерства и по различни здравствени установи и по други компании, за што јас не можам да се мешам во тоа. Воопшто не е моја работа“, рече Таравари.

Подготвено од М.Д.

About Author