02.09.2024 Скопје
Германија треба да продолжи да го почитува правото на азил, но мора да преземе чекори за ограничување на нерегуларната миграција, изјави во неделата германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер на комеморацијата за жртвите од минатонеделниот напад во Солинген.
„Германија „со добра причина“ им понуди засолниште и безбедност на оние кои бегаат од војна и угнетување, исто како што многу жители на Германија успеаја да го преживеат нацистичкиот режим затоа што другите земји им ги отворија вратите“, рече Штајнмаер.
„Сакаме да останеме таа земја. А тоа можеме да го направиме само ако не бидеме преоптоварени од бројот на оние кои (пристигнуваат) без право на таа посебна заштита“, рече Штајнмаер пред околу 450 собрани.
26-годишен Сириец, кој живеел во блиско сместување за бегалци, е уапсен по смртоносниот напад со нож на јавна прослава во Солинген, при што загинаа три лица, а уште осум се ранети.
Мажот е во притвор поради сомнение за убиство и членство во терористичката група Исламска држава (ИСИС).
ИД ја презеде одговорноста за нападот, но германските власти се уште го истражуваат тврдењето.
Се верува дека осомничениот напаѓач избегнал депортација од Германија, што дополнително ја поттикнало дебатата за политиката за азил и миграција во земјата.
„И ние ќе останеме таа земја само ако оние што бараат заштита се придржуваат до законите на нашата земја. Само тогаш ќе можеме да го задржиме прифаќањето меѓу населението“, рече Штајнмаер во неделата.
Претседателот повика на соработка меѓу владата и опозицијата за да се справи со „огромната задача“ за спроведување на законите за имиграција и создавање функционални правила за обработка на барањата за имиграција и азил.
Штајнмаер рече дека крвопролевањето го погодило срцето на „пријателска, отворена и разновидна земја“.
„Тоа нè погодува во сржта на нашиот национален идентитет каде што луѓето живеат заедно во мир и покрај сите нивни разлики и сакаат да живеат заедно, луѓе кои живеат тука со генерации, како и оние кои дојдоа подоцна“, рече Штајнмаер.
Штајнмаер призна дека германската држава не го исполнила „своето ветување за заштита и безбедност“ во Солинген и дека мора сеопфатно да ги реши сите грешки или недостатоци што го спречиле нападот.
Тој ги обвини „фанатичните исламисти кои сакаат да го уништат она што го сакаме“, вклучително и отвореното општество. Иако прифати дека луѓето „чуствуваат страв и несигурност“, тој нагласи дека граѓаните не смеат да дозволат стравот да ги парализира.
Германскиот канцелар Олаф Шолц, кој исто така учествуваше на комеморацијата, подоцна во објава на социјалната платформа Х напиша дека злосторството „ни го погодува срцето, нè збеснува“.
„Ние им должиме на нив (жртвите) и нивните семејства дека ова треба да биде добра лекција за нас. Жалиме за загинатите во Солинген. Жалиме со нивните семејства, со сите во овој град, со сите во Германија.“
Владата на Шолц предложи построги правила за оружјето, построги ограничувања за бенефициите за некои баратели на азил и повеќе овластувања за полицијата да се справи со можните исламистички закани.
Подготвено од М.Д.