hristijan-mickoski-

11.09.2024 Скопје

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва побара да престанела билатерализацијата на евроинтегративниот процес на Р.С.Македонија и рече дека ЕУ треба да покаже волја дека сака да го реши ова прашање. Во интервју тој рече дека на 19 септември ќе оди во Брисел и таму ќе го претстави предлогот на владата за решавање на условениот македонски пат кон ЕУ, за кој веќе се знае дека содржи условено важење на уставните измени и внесување на Бугарите откако ќе завршат преговорите.

„Граѓаните, политичките партии многу пати покажаа волја, прашањето е дали во Брисел има волја да се реши овој проблем, затоа што ако има волја во Брисел има и начин. Евроинтегративниот процес не е соло танц, ние мораме да имаме двонасочна улица, мора да имаме танц во којшто играат двајца. Вистинската адреса е попатна Софија, а директна Брисел. Треба да знаеме што е тоа што тие го планираат со Р.С.Македонија. Ние имаме целосно изедначена надворешна политика со ЕУ, безбедносна политика, континуирано ги следиме процесите кои ги води ЕИ, но за жал изминативе две и пол децении имавме многу вештачки, кои удираа и задираат на македонскиот идентитет. Правени се отстапки на сметка на македонскиот идентитет“, рече премиерот

Според него, некои од земјите членки се обидуваат што повеќе билатерални проблеми да внесат во евроинтегративниот процес. Некој треба да излезе и да ја објасни суштината на преговорите. „Ние зборуваме како да ги подобриме капацитетите на институциите кај нас, а решаваме прашања од средниот век од 11. и 12. век“, рече премиерот.

Тој потврди дека на 19 септември ќе отпатува на состанок во Брисел и дека таму ќе биде соопштен владиниот предлог за кој веќе јавно се зборува. Мицкоски вели дека тие нема да влезат наивно во какви било процеси и отстапки, без притоа да има јасен план и гаранција.

„А тој јасен план и јасна гаранција мора да бидат потврда којашто ќе се темели на јасна порака и на јасни постигнувања. Не можеме веќе да влегуваме во процеси без да имаме предвидлива завршница и затоа ние сме конструктивен партнер во процесот и велиме ајде заедно да седнеме со владата во Софија и да разговараме. Логичен е предлогот за одложена примена, да ги завршиме преговорите, па да видиме тогаш што ќе правиме, како ќе правиме, да видиме што со пресудите од Стразбур за македонската заедница од Бугарија, да видиме што конечно со идентитетот македонски и јазикот итн. Имаме многу прашања за кои треба да се дискутира. Ние сме подготвени, сакаме да дискутираме и да најдеме решение“, вели премиерот.

Во интервјуто премиерот зборуваше и за десетте постулати со кои повика на заедништво и сплотеност истакнувајќи дека мнозинството граѓани сакаат подобар живот, повисоки плати, ред, а не етнички теми и тензии со кои СДСМ и ДУИ правеле дефокус обидувајќи се да го заштитат криминалот.

Подготвено од М.Д.

About Author