03.09.2024 Скопје
Од оваа недела па натаму секој граѓанин што ќе поднесе барање за добивање на лични документи, тоа право ќе може да го оствари во рамки на законскиот рок од 15 дена, изјави утрово министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски по посетата на полициската станица Пролет во Скопје каде има пунктови за издавање на лични документи. Министерот упати молба до граѓаните кои немаат возачки дозволи со уставното име на државата да поднесат барање бидејќи овие дозволи нема да важат од 1 јануари и нагласи еден милион возачки дозволи не се променети.
„Ветено-сторено. Како што најавивме пред два месеци, издавањето на лични го доведуваме во нормала. Од оваа недела па натаму секој граѓанин што ќе поднесе барање за добивање на патна исправа, лична карта и возачка дозвола, тоа право ќе може да го оствари во законскиот рок, во рок од 15 дена.. Тоа што го ветивме го остваривме, беше тешко, полициските службеници мораа макотрпно да работати во две смени и во викенди. Успеавме проблемот што претходниците вештачки го создадо со неработењето да го разрешиме, и системот во делот на управните служби да го вратиме во нормала. Граѓаните заслужуваат достоинствен и нормален начин на вадење на личните документи во рамки на законскиот рок“, рече министерот.
На прашањето дали тоа значи дека системот ќе биде функционален и во иднина, имајќи предвид дека по десет години илјадниците граѓани кои годинава вадат нови лични документи, ќе бидат повторно пред полициските пунктови затоа што рокот на документите тогаш ќе измине Тошковски рече:
„Не се секирајте. Ние ги решаваме проблемите. Во иднина максимално ќе се ангажираме на развластување на дискрециските права, а процесот на дигитализација ќе биде насочен на тие прашања. Сите постапки така ќе се нормализираат. За 10 години од сега нема да имаме таков проблем. Тема сега не се обрасците за личните документи, ниту другите проблеми на кои наидовме“, рече министерот за внатрешни работи и најави реновирање на пунктовите во Македонската радио телевизија.
Тошковски потсети дека возачките дозволи со старото име на државата ќе важат до крајот на годината.
„Досега се издадени 750.000 возачки дозволи со новото уставно име. Потребно е да се издадат уште околу милион возачки дозволи со новото име. Ги замолувам во наредниот период од неколку месеци сите оние кои имаат возачки дозволи со старото име да пристапат кон обновување на истата, затоа што согласно измените на законот, старите возачки дозволи ќе важат до крајот на оваа година“, рече Тошковски.
Подготвено од М.Д.