procistuvaci-682x430

24.09.2024 Скопје

Општина Кисела Вода стана првата која презеде конкретни чекори за подобрување на квалитетот на воздухот. Со поставување на 5 најсовремени пречистувачи за воздух во парковите, оваа општина покажа дека вистинската грижа за животната средина се остварува со дела, а не со празни ветувања.

Овие пречистувачи, познати како „Filter Cube III 5“, се вистински технолошки чуда. Со максимален проток на воздух од 16.625 кубни метри на час, тие ефективно го отстрануваат загадувањето и обезбедуваат чист воздух за сите граѓани. Нивната големина и тежина од 1.000 килограми го гарантираат нивниот стабилен и долготраен ефект.

„Ова е голем чекор напред во нашата борба за чист воздух и подобар живот за сите граѓани. Овие пречистувачи се само почеток на нашите напори да ја направиме Кисела Вода позелена и попријатна за живеење“, изјави градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

Покрај надворешните пречистувачи, Општина Кисела Вода претходно постави и најсовремени внатрешни пречистувачи на воздух во основното училиште „Невена Георгиева-Дуња“, правејќи го ова училиште првото на Балканот со ваква заштита од загадување.

Оваа инвестиција е резултат на нашето партнерство со компанијата ЕКОТИП, која ја препозна нашата посветеност кон екологијата и ни помогна да го реализираме овој проект – додаде Ѓорѓиевски.

Оваа иницијатива на Општина Кисела Вода е силен сигнал за сите други општини во земјава. Таа покажува дека со одговорно планирање и соработка со бизнис секторот може да се постигнат конкретни резултати во заштитата на животната средина.

Граѓаните на Кисела Вода се горди што живеат во општина која ги става приоритетите на здравјето и благосостојбата на своите жители на прво место. Се надеваме дека овој пример ќе биде следен и од други општини, со цел да се создаде поквалитетна животна средина за сите нас – вели градоначалникот.

Подготвено од М.Д.

About Author