Univerzalna-posle-pozarot-28-bg

30.09.2024 Скопје

Министерството за култура во минатата влада незаконски ја презело Универзална сала од Град Скопје затоа што по закон тоа не може да гради објект што е локална установа.

Одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција, министерот за култура и туризам Зоран Љутков рече дека против сите инволвирани ќе бидат поднесени кривични пријави „за сите криминали“ што се направени.

Тоа ќе биде откако работните групи што се формирани ќе ги завршат своите анализи и ќе дадат извештај за целата постапка. Рече дека изградбата засега е стопирана зашто не се знае во чие владение е салата, но дека Скопје ќе има Универзална сала за 2028 кога ќе биде Европски град на културата.

„Ние како министерство, како владина институција, по закон не можеме да финансираме или да градиме објект што е локална установа. Уште малку имаме да за да ги финализираме работите и ќе ја кажеме точната ситуација за Универзална сала, на посебна прес-конференција ќе ја појасниме постапката од почеток до крај за да не бидат во заблуда ни граѓаните, ниту институциите. Скопје во 2028 година ќе ја има Универзална сала и ќе ја има на законски и легален начин. Ова што е направено до сега е незаконски и нелегално, подлежи на кривични пријави. Ние ќе го запреме ваквото дивеење и незаконско работење, ќе ја вратиме постапката и најтранспарентен и на најлегален начин Скопје ќе биде Европската престолнина на културата со нова Универзална сала и ќе се гордее со неа затоа што ќе биде изработена законски“, истакна Љутков.

Во однос на тоа дали е загрозен статусот на Охрид во УНЕСКО, министерот одговори дека се направени работни групи и пред две недели на седница на Владата е изгласана нова Национална комисија за УНЕСКО. Така што, рече тој, потребно е малку време за да се формираат и посебните комисии по што ќе може да се соопшти каков е статусот на Охрид и Охридскиот Регион во оваа организација на ОН.

Подготвено од М.Д.

About Author