kolichka vo supermarket

17.09.2024 Скопје

Во пресрет на есенската сезона, граѓаните со нетрпение очекуваат воведувањето на таканаречената „есенска кошница“, мерка која би требало да обезбеди замрзнување на цените на стотина основни производи.

Сепак, со оглед на нејзиното постојано одложување од страна на властите, многумина веќе почнаа да изразуваат скептицизам кон ефикасноста на оваа мерка, сомневајќи се дека таа нема да донесе значително олеснување во нивните секојдневни трошоци.

„Не верувам дека есенската кошница ќе направи голема разлика. Секоја година ветуваат дека ќе ги контролираат цените, но сè уште чекаме да ги видиме резултатите. Плус, рекоа дека во петокот ќе ни ја соопштат листата со замрзнати производи, па презакажаа за понеделник. Кога дојде понеделник, презакажаа за идната недела. Искрено, јас мислам дека ништо не бидува од оваа работа“, вели домаќинка од Скопје.

Од друга страна, пак, додека Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски тврди дека целта не е принудно носење на закони, туку заштита на потрошувачите од непристојно зголемување на цените, критичарите се плашат дека ова може да резултира со недостиг на производи или покачување на цените на други артикли.

„Секогаш кога Владата се обидува да интервенира во пазарот, на крајот граѓаните ја плаќаат цената. Можеби цените на некои производи ќе останат исти, но што со останатите? На крајот, сметката секогаш доаѓа на наша штета“, изјавува мал трговец од Битола.

Премиерот Мицкоски истакна дека Владата ќе интервенира само каде што е потребно, особено во случаи на монопол, дуопол или триопол, каде што одредени компании ја злоупотребуваат својата позиција на пазарот.

Сепак, останува неизвесно како оваа политика ќе се спроведе во пракса и дали ќе успее да ги заштити интересите на потрошувачите без да предизвика негативни последици за економијата.

Во меѓувреме, Законот за нефер трговски практики, кој наскоро треба да стапи на сила, предвидува ограничување на рабатот на 10% на повеќе од 2.600 производи.

„Не очекувам многу од есенската кошница. Можеби ќе има некое намалување во цените, но се сомневам дека ќе биде доволно за да се справиме со секојдневните предизвици“, вели мајка на две деца.

Со оглед на различните ставови и очекувања, есенската кошница останува тема на жешки дебати меѓу граѓаните, трговците и производителите.

Дали оваа мерка ќе успее да ги исполни своите цели и да донесе олеснување за потрошувачите, или ќе биде уште еден неуспешен обид на регулација, само времето ќе покаже.

Подготвено од М.Д.

About Author