25.09.2024 Скопје
Групата „Синтезис“, еден од најзначајните амбасадори на македонската музика, ќе го одбележи својот 30-годишен јубилеј со концерт во Македонската филхармонија, на 25 септември во 20:30 часот.
Формирана во 1995 година, „Синтезис“ ја започна својата кариера со уникатна визија – да ја оживее и да ја презентира македонската традиционална музика на современ начин. Со комбинирањето на старите фолклорни звуци со модерни аранжмани, групата брзо се истакна на македонската музичка сцена и понатаму, на меѓународната. Нивниот прв албум, „ДД Синтезис“, беше објавен во 1996 година и веднаш предизвика позитивни реакции кај публиката и кај критиката. Групата ја продолжи својата успешна приказна со албумите „Swinging Macedonia“(2000) и со други значајни изданија, кои го истакнаа нејзиниот автентичен звук.
Со повеќе од 500 концерти одржани на сите континенти, „Синтезис“ се докажа како најзначаен извозен музички продукт од Р.С.Македонија. Тие настапуваа во некои од најпрестижните концертни сали и фестивали ширум светот, каде што ја презентираа македонската музичка култура и традиција. Нивната мисија е да ја зачуваат македонската традиционална музика, но и да ја облагородат со нови музички форми и елементи, кои ја прават релевантна за денешната публика.
Цели три децении, „Синтезис“ со посветеност и со страст ја чува и ја развива македонската музичка традиција. Овој јубилеен концерт ќе биде кулминација на нивното триесетгодишно патешествие и ќе претставува незаборавен настан за македонската публика.
На јубилејниот концерт, заедно со своите гости, групата ќе изведе дел од своите најпознати композиции, кои го обележаа нејзиниот пат низ годините.
Подготвено од М.Д.