25.09.2024 Скопје
Индексот, кој го мери деловното расположение на германските компании, во септември се намали на 85,4 поени, од 86,6 поени колку што достигна во август.
Германските компании беа значително помалку задоволни од актуелната деловна состојба, а песимизмот во однос на развојот на бизнисот во следните шест месеци е се поизразен.
Вредноста на подиндексот со кој компаниите ги оценуваат тековните состојби падна од августовските 86,5 поени на 84,4 поени, како и подиндексот на очекувањата за иднината, од 86,8 поени на 86,3 поени.
Индексот што го мери деловното расположение во Германија падна на месечно ниво во сите сектори – производство, услуги, трговија и градежништво, се наведува на веб-страницата на IFO.
Проблемите на германското производство се структурни предизвици, недоволно инвестирање во инфраструктурата и релативно високите цени на енергијата, а особено загрижува фактот што германските производители на автомобили и машини го губат здивот во однос на кинеската конкуренција, рече главниот економист на Хамбург Комерцијал Банка (HCOB) Cyrus de la Rubia неодамна.
Подготвено од М.Д.