27.09.2024 Скопје
Германија, најголемата европска економија, оваа година би можела да ја заврши со економски пад, имајќи предвид дека водечките германски економски институти ги намалија заедничките прогнози и сега сметаат дека нивната економија би можела да падне за 0,1% на крајот на 2024 година.
Експертите очекуваат слабо закрепнување во Германија во 2025 година со раст од 0,8 отсто и забрзување до 1,3% во 2026 година.
Во претходната пролетна прогноза, експертите беа пооптимисти и очекуваа германската економија да забележи раст од 0,1% во 2024 година и 1,4% во 2025 година.
Покрај економскиот пад, германската економија е оптоварена и со структурни промени – смета Џералдин Дани-Кнедлик, раководител на одделот за прогнозирање и економска политика во Германскиот институт за економски истражувања (DIW).
„Економијата во Германија стагнира повеќе од две години. Следната година веројатно ќе забележи бавно закрепнување, но економскиот раст нема да се врати на својот тренд пред коронавирусот во догледна иднина. Особено се погодени производителите на капитални добра и енергетски интензивните индустрии“, се наведува во извештајот.
Компаниите имаат проблеми со повисоките трошоци за енергија и конкуренцијата од висококвалитетните индустриски производи од Кина, кои го потиснуваат германскиот извоз на светските пазари.
Постојаното високо ниво на каматни стапки, заедно со зголемената економска и геополитичка неизвесност, веројатно ќе имаат големо влијание врз инвестициските активности на компаниите и склоноста на приватните домаќинства да купуваат – додаваат експертите.
Домаќинствата во Германија се повеќе штедат пари наместо да ги трошат на нови станбени недвижности или производи за широка потрошувачка, објавено е на веб-страницата на Институтот за економски истражувања ИФО од Минхен.
Минатата година германската економија беше најслаба меѓу големите земји од еврозоната и забележа пад од 0,3%.
Подготвено од М.Д.